ИМАЛО ВТОР ВОЗАЧ, НО АВТОБУСОТ НЕ БИЛ ПРИЈАВЕН ЗА МЕЃУНАРОДЕН ПРЕВОЗ Нема одговор за канистрите со нафта
Во тек е идентификација на загинатите преку ДНК анализа, по што ќе следи постапка за пренос на посмртните отстапки на загинатите. Организацијата и трошоците за враќањето на жртвите во Македонија ќе бидат на сметка на државата, соопштија министрите Османи, Спасовски и Бочварски на заедничка прес-конференција во Владата.
Привичните информации на македонските власти се дека во автобусот во кој настрадаа 45 патници, од кои 12 се деца, а 7 се повредени сепак имало втор возач, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на вечерашната заедничка прес-конференција во Владата, на која говореа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Компанијата „Беса транс“ имала уредна лиценца за меѓународен слободен превоз, но настраданиот автобус не бил пријавен од превозникот и го нема во електронската база на Министерството за транспорт и врски, соопшти министерот Бочварски. Превозникот бил должен да го стори тоа. Извод од лиценца треба да има во секое возило. Бидејќи од досега добиените сознанија вршел превоз без извод од лиценца за тоа возило, Министерството почнало постапка за одземање на лиценцата за превоз на „Беса транс“.
Министрите не беа расположени да споделуваат други детали во врска со истрагата. Не одговорија ни на прашањето дали е точна информацијата дека во автобусот имало канистри полни со нафта.
– Тим од МВР и претставници на неколку стручни служби од Македонија замина во Бугарија. Очекувам многу брзо да имаме одговор на сите нејаснотии во врска со оваа трагедија – рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски изјави дека во тек е идентификација на загинатите преку ДНК анализа, по што ќе следи постапка за пренос на посмртните отстапки на загинатите. Организацијата и трошоците за враќањето на жртвите во Македонија ќе бидат на сметка на државата.
Седумте преживеани патници кои се хоспитализирани се во добра здравствена состојба.