ИМАЛО ДОЗВОЛА ЗА ТЕНИСКИТЕ ТЕРЕНИ АМА НЕ БИЛА СПРОВЕДЕНА ВО КАТАСТАР Стевчо Јакимовски верува дека судот ќе ја отфрли кривичната против него

За тениски терени изградени на територијата на Општина Карпош во времето на Никола Груевски е издадено одобрение за градба, реагира Општина Карпош.

1,729

Тенденциозна, злонамерна и политички мотивирана е кривичната пријава на МВР против Општината Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски и пет лица од Секторот за урбанизам во врска со тениските терени кај хотелот „Александар палас“, реагираше денеска скопската општина.

Полицијата денеска соопшти дека против градоначалник на скопска општина и пет лица е поднесена кривична пријава поради сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.






„Секторот за урбанизам и правниот сектор во Општина Карпош со индигнација ја отфрлаат оваа кривична пријава на МВР, истата ја сметаат за тенденциозна и злонамерна и политички мотивирана. Имено, стручните служби од Општина Карпош предметот за легализација на спортските објекти на ‘Александар палас’ со внимание го имаат разгледувано и истиот е решен согласно законските прописи. Општина Карпош категорично тврди дека легализацијата е законита за овие спортски објекти, затоа што за сè што се издава одобрение за градба се врши легализација, а за истите објекти правното лице ‘Александар палас’ има одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски, кое не го спровеле во Катастар. Дополнителен аргумент е фактот што за тениски терени изградени на територија на Општина Карпош во времето на Никола Груевски е издадено одобрение за градба“, соопшти Општина Карпош.

Во Општина Карпош, се додава во соопштението, работат квалитетни искусни службеници кои совесно си ги вршат своите работни обврски.

„Убедени сме дека истата кривична пријава ќе биде отфрлена како недопустлива од причини што надлежните општински органи правилно ги утврдиле фактите и извршиле легализација согласно законските прописи кои ги донела Владата на Никола Груевски“, се наведува во реакцијата од Општината.

Полицијата денеска соопшти дека градоначалникот и пет вработени во Секторот за урбанизам во општината овозможила на едно правно лице да легализира бесправно изградени тениски терени, иако тоа е спротивно на важечките закони.

„И покрај тоа што тениските терени се временски објекти и не можат да бидат предмет на легализација, комисијата, во чиј состав биле вработените од општината, констатирала дека истите ги исполнуваат условите за легализација. Потоа, со потписите на градоначалникот и членовите на комисијата, било издадено решение за утврдување на правен статус на бесправниот објект, со што на правното лице му било овозможено да стекне имотна корист од околу 147 милиони денари“, информираа од МВР.

Поврзани содржини