ИМААТ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА, МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРААТ БЕЗ ПРОБЛЕМ! Арсовска негира дека е сосечен годишниот буџет на МКЦ и најавува тужби
Од вкупно 40 вработени дури 12 лица биле поставени како раководители на сектори, а тоа значи дека некои од нив воопшто не раководат со никого, но затоа земаат директорски, односно раководни плати. Притоа МКЦ, поради недостаиг од работници, ангажира некои дополнителни лица кои работат на културната програма за да може МКЦ да функционира – вели градоначалничката.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција постави ултиматум до поранешниот в.д. директор на МКЦ Ванчо Богоев во следните 48 часа јавно да се извини за, како што рече, изнесените лаги и невистини, во спротивно изнесеното ќе треба да го докажува пред надлежните органи.
Арсовска рече дека лани на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари, додека со дотациите биле одвоени 34 милиони денари, како лани, така и оваа година.
– Намалувањето на буџетот на МКЦ, како што може да се види, е незначително и ниту во еден случај не е поради тоа што Градот нема интерес оваа институција да функционира, туку таа мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага. Затоа сакам да ги демантирам информациите кои излегоа во јавноста дека буџетот на МКЦ за оваа година е намален за 90 проценти. МКЦ има приходи од половина милион евра и може самостојно да функционира – вели Арсовска.
Таа додаде дека во МКЦ е започната годишна ревизија за работењето, при што се забележани неколку недоследности кои биле клучни при носењето на одлуката за функцијата на Богоев како в.д. директор.
– Иако има многу повеќе ќе издвојам неколку од нив. Лани во МКЦ биле склучени преку 250 договори за ангажирање спротивно на законот, а не се поврзани со личности кои доаѓаат од областа на културата. На овие лица им се исплаќани илјадници евра при што не се почитувала ниту една постапка или закон за нивното ангажирање. Меѓу овие лица има многу познати, кои се поврзуваат со партијата ВМРО-ДПМНЕ. Исто така има над 90 лица кои биле ангажирани како шанкери, а за тоа им се исплаќало од 350 до 750 евра на месец. Ова испумпување од буџетот од МКЦ треба некој да го објасни – открива Арсовска.
Градоначалничката рече дека од главната благајна на МКЦ се повлечени над 100.000 евра во готово без соодветна основа за повлекување, при што праша каде се овие пари и рече дека некој мора да одговараа за тоа.
Арсовска посочи дека МКЦ има повеќе од пола милион евра сопствени средства кои треба да се трошат наменски и соодветно за дејноста која што оваа јавна установа ја врши.
– Верувам дека, како што успеа јавноста да слушне за едната страна, треба исто така да разбере и кои се работите кои таму се случуваат и прашувам зошто, доколку не се крати од средствата на МКЦ, зошто доколку не се кратат програмските активности и не се крати ништо од она кое тие самите го донеле, и никој не им влијае на начинот на кој што ја креираат програмата внатре, ниту некој им кажува дали таа програма е соодветна или не, туку тие самите одлучуваат по основ на таа програма, зошто тогаш некој би протестирал, освен ако не е грубо изманипулиран – праша Арсовска.
Арсовска се осврна и на бројот на вработените во МКЦ, како и нивниот ангажман и распоредувањето на одговорните функции кои ги извршувале.
– Од вкупно 40 вработени дури 12 лица биле поставени како раководители на сектори, а тоа значи дека некои од нив воопшто не раководат со никого, но затоа истите земаат директорски, односно раководни плати. Притоа МКЦ поради недостатокот на работници очигледно е дека ангажира некои дополнителни лица кои работат на културната програма за да може МКЦ да функционира – вели градоначалничката.
Таа додаде дека не знае кој сака да ги манипулира луѓето и да ги вади надвор на протести и перформанси, но претходно треба да им објасни што правел внатре и кого го повикува да го брани.
Арсовска уште еднаш ги негираше обвинувањата дека се обидува да изврши партизација на МКЦ, бидејќи, како што кажа, таа нема партија која стои зад неа, за разлика од в.д. директорот.
– Претходниот директор Ванчо Богоев е поставен по предлог на партијата ВМРО-ДПМНЕ, јас политичка партија немам и не знам како ова би можело да се поврзе со партизација на оваа функција. Притоа морам да потенцирам, Богоев не беше разрешен од директорското место, како што се споменуваше во медиумите, туку на него му истече договорот на 18 јануари, при што не му беше предложен нов, токму поради овие сомнежи – рече Арсовска.
Прашана дали ќе се воведе нов конкурс, Арсовска потенцираше дека треба да има нов конкурс и истиот ќе биде објавен, меѓутоа како што посочи, „ништо нема да биде на овој начин на кој што господинот Богоев би сакал да биде”.
– Богоев не сакаше нов конкурс, туку сакаше тој да биде повторно в.д. директор и се бунеше зошто не му бил продолжен договорот. Сите постапки кои ќе бидат преземени ќе бидат во рамки на она кое што на нас прописите ни го дозволуваат и тоа ќе го направиме во најдобар интерес на МКЦ – рече градоначалничката.
Таа не сакаше да ги коментира шпекулациите дека со поставувањето на новиот в.д. директор се прави место за Бени Шаќири во иднина да дојде на оваа функција која му била ветена уште на почетокот на нејзиниот мандат, откако тој застана зад неа во вториот круг од локалните избори.
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на прес-конференцијата одлучно и во целост ја демантираа градоначалничката Данела Арсовска и нејзините лажни тврдења дека разрешениот директор на МКЦ Ванчо Богоев е член на нивната партија.
– Секако дека тоа што посочениот директор не е член на партија не значи дека лошо си ја врши работата и тоа треба да биде причина за чие било разрешување. Кратењето на средства за МКЦ од Арсовска и владејачката коалиција во градот Скопје криминогената СДС, фолирантите Левица, уценетата ГРОМ и нивните газди ДУИ не е симболично, туку драматично, од 40 милиони на само 2 милиони денари – стои во реакцијата од партијата.
Оттаму додаваа дека тоа што МКЦ имал зголемени приливи од сопствени средства и избори е само доказ дека менаџментот добро работел и не може да биде причина за казнување и намалување на парите за работа.
– Затоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесе предлог за зголемување на средствата и буџетот на МКЦ и другите институции од областа на културата под град Скопје. Тоа што Арсовска се правда дека тоа што детектив поставила за директор на МКЦ и не било проблем со образование, дали тоа значи дека Арсовска со правен факултет може да работи и како доктор хирург? Честото менување на директорите на институциите на град Скопје не зборува само за нестабилниот, конфликтен и несигурен карактер на градоначалничката туку внесува несигурност во функционирањето на институциите, неиницијативност и парализираност на истите, што доведува до распад на системот кој е дизајниран за нормално функционирање на градот. Арсовска нека смогне сили да не ја меша ВМРО-ДПМНЕ во нејзините погрешни одлуки. Нема ден да нема скандал и нема ден Арсовска да не е во конфликт самата со себе – велат од ВМРО-ДПМНЕ.