ИМА СИЛНА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА ДА СЕ НАПРАВИ НЕПАРТИЗИРАНА АДМИНИСТРAЦИЈА Реновиран Центарот за обуки на административни службеници во Скопје
Центарот во Аеродром е дел од Академијата за јавна администрација, која ќе почне да функционира од 1 јануари 2027 година и која треба да биде моторот за развој на обука и едукација на сите јавни службеници во земјава.
Гаранција за департизација и професионализација на јавната администрација, според министерот за јавна администрација Горан Минчев, се пакетот реформски закони што веќе се донесени, а до крајот на годината се очекува да бидат донесени уште три нови закони.
Минчев денеска најави дека во следниот период ќе се започне со јавни расправи за новиот пакет закони меѓу кои се Законот за високораководна служба и Законот за висината на платите, коишто би требало да бидат донесени до крајот на годинава.
– Се надевам дека ќе ги донесеме до 31 декември 2025 година, иако изборниот процес може малку да го оддолжи носењето на овие закони – рече Минчев, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на реновираниот Центар за обуки на административните службеници на Министерството за јавна администрација.
Според Минчев, има силна политичка волја јавната администрација да се направи да биде департизирана и професионална, а најдобар показател за тоа е донесениот пакет од четири закони.
– Пред извесен период се донесени пакет на четири реформски закони коишто 10 години наназад не беа донесени. Овие закони пет години беа дел од извештајот на ЕУ како прв чекор за да тргнеме кон реформите во јавната администрација. Тоа е јасен показател дека само за една година оваа Влада го носи тоа што 10 години наназад не е донесено и ги прави суштинските чекори во начинот на размислување како треба да изгледа јавната администрација. Гаранција за департизирање на јавната администрација се новите законски решенија односно зголемувањето на критериумите кои се во рамки на тие закони за учество на јавните огласи што понатаму ќе ги распишуваат институциите – истакна Минчев.
Министерот за јавна администрација денеска го означи отворањето на комплетно реновираниот Центар за обуки на административните службеници на Министерството за јавна администрација, при што нагласи дека во наредниот период планира реконструкција и на останатите центри за обука низ земјата.
Центарот во Аеродром е дел од Академијата за јавна администрација, која ќе почне да функционира од 1 јануари 2027 година и која треба да биде моторот за развој на обука и едукација на сите јавни службеници во земјава.
Центарот е опремен со најмодерна технологија, ги има сите алатки за обука на јавните службеници како физички, така и електронски односно онлајн. Наменски ќе служи и за обука и едукација на новите генерации на јавните службеници, но исто така и за преедукација на постоечките коишто се веќе во јавниот сектор. Во него ќе се спроведуваат и специјални обуки и генерички обуки, но и програми коишто ќе го испитуваат знаењето и на постоечките вработени во јавниот сектор.
Центарот треба да прерасне во регионален центар. Минчев најави дека Центарот во Битола ќе биде реновиран следната година и дека се близу до потпишување меморандум со Француската амбасада, која ќе го потпомогне развојот на Академијата во наредните две години.
– Нашата мисија е јасна, да создадеме јавна администрација, која се развива и постојано се унапредува. Затоа овој едукативен центар не го гледаме само како објект, туку како функционален ресурс, простор каде административните службеници ќе добиваат знаење, вештини и поддршка што се неопходни за да ги исполнат своите улоги, одговорно квалитетно и навремено. Министерството за јавна администрација во рамките на сеопфатните реформски процеси посветено работи на системска трансформација на начинот на кој се спроведува обуката – додаде Минчев.
За тоа како ќе се бираат вработените, кои ќе поминат низ обуки, Минчев рече дека тоа е регулирано согласно новите законски прописи, согласно новите критериуми за обука и едукација на граѓаните коишто ќе конкурираат на огласите, но исто така најави и соодветна проверка на знаењето на посточеките воработени, на секои шест месеци.
– Тоа значи дека се водиме од тезата дека учењето и знаењето се всушност клучната алка за професионална јавна администрација – посочи Минчев.