Има една стара приказна… за „ач капи“

Бугарското барање за внесување на Бугарите од Македонија во нашиот Устав како конститутивен народ ни малку не е наивно! Тоа е колот кој санстефанците сакаат да ни го набијат меѓу двете крилја на подотворената наша врата, и работата да биде „ач капи“... па слободно да може да влегуваат-излегуваат... и како стожер на државата во која, по нивно, не постои македонскиот народ, да се разгаќат и со мислите да шетаат како по свое, од Дунав до Егејско море и од Черното Море до Охрида... и некаде погоре... подоле...

3,145

Патоказот за Македонија кон ЕУ, условен со бугарските правно обврзувачки гаранции вклучени во преговарачката рамка… е бугарски, но не и наш –  мој драг комшија Радев! Тој е погубен за нас Македонците и не го сакаме. Ние имаме свој пат и ќе се потрудиме сами да го изодиме. Научени сме боси и по трње да газиме и не ни е сефте од челуста на комшијата да се спасуваме.

Ако себе, како афирматор на таа бугарска геноцидна политика и на големите бескруполозни геополитички интереси на кои ти им служиш, се замислуваш дека си патарот кој со условување ќе ни го одредува правецот, и дека си вратарот кој ќе нè легитимира, и од твојот ќеф да зависи ќе нè пуштиш или не понатака да врвиме по пат кој е само наш – македонски, алал да ти е што си се излажал! Се разбира, што лично си се довел во заблуда, избирајќи  странпатиште, на кое кабардисан и сам, стоиш и залудно чакаш… чакаш… од пред два века, расфрчен како троглавото куче Кербер со змиска опашка, чуварот на пеколот и патот до него.






Исти како тебе се и тие што те поддржуваат во неразумноста, залутани салан ќопеци во високата политика на Европскиот парламент. Од такви како вас, неранимајковци, а ве има многу, од век страдаме ние Македонците, но и Европа, која денес се распаѓа ширејќи неподнослива реа, легната на буништар – рамниште кое вие ѝ го пославте и испоганивте.

До кога со сила ќе се пикаме таму каде што нè уценуваат?

Како резултат на таквата пропагандистичка антиевропска политика, со извештајот за Македонија, европските парламентарци ги одобрија и прифатија спорните и контроверзни бугарски амандмани, за кои предупреди Институтот за европска политика (ЕПИ), дека претставуваат поткопување и непочитување на основните стандардни вредности на ЕУ. Штодека? Парламентот го одобрува геноцидното силеџиштвото што го врши Бугарија врз Македонија и прифаќа да се толкува историјата на нивен начин; да се врши притисокот врз заедничката Комисија за историски и образовни прашања… дури и категоризацијата на Македонија како „геноцидна за Бугарите“.

После ова, не вреди молбата „Бугарите да се обврзат дека ќе немаат нови барања(?!)…и, дека ние дадовме многу фер предлог…“. До кога со сила ќе се пикаме таму каде што нè уценуваат, омаловажуваат, геноцидно третираат, ропски поданици нè престоруваат… и не нè сакаат вакви кави што сме – Македонци?  Кои се тие „уште“ барања кои би следувале од страна на Бугарите, кога отворено ни е дадено до знаење – мора да прифатиме дека сме Бугари… дека нашиот јазик е бугарски… нашата историја не е наша… и дека ние не сме ние… – ако сакаме да бидеме примени во Европа, престорена во политички бордел.

Боже! Кој уште го бара европското фашистичко дувло, каде ни предлагаат да бидеме примени како престорени и поганети трупци?

Колку и да викаме Европа е единствената наша определба, после овој последен бугарски силеџиски чин и срамното ниво на кое се сведе Eвропскиот парламент, време е да се стави прстот на чело и да се размисли што понатака… кога очебијно е дека европскиот пат, таков каков што ни го нудат здружените збирштини, не е наш!

Радев со колот в рака пред портата на комшијата

Што да се зборува повеќе од кажаното… сем дека бугарското беспризорно однесување како олицетворение на бугарската напаст-политика и поткрепата што ја добива од европските џадиски бордел стражари, ме потсети на една стара приказна за одјасаниот талкач – силеџија, ист како комшијата Радев, кој со колот во рака цел ден седнат пред портата на комшијата, замерачен чекал да му отворат и со метании да го поканат на конак. Зошто? Затоа што нему така му се присакало – со туѓиот двор да го прошири својот!

Кога тоа не се случило, нетрпелив да чека, станал, и со колот почнал силно да чука на портата за да му отворат. По некое време домаќинот ја подотворил  за да се разбере со намерникот, кој искористил, и на брзина го зарил колот од внатрешната страна на прагот, и на домаќинот, кој портата веќе не можел да ја затвори, со кренат кажипрст спрема неговиот нос почнал да му се заканува: – Слушај  ваму… ти, бедничеее…! Толку долго чакам, чакам, што немам веќе трпение… ни…!

Секој натаму нека си продолжи со свој додаток на приказната, а јас само ќе ви кажам дека верзијата која мене како дете ми ја раскажаа, да ми служи за поука, заврши така што – кучето од сајбијата го нанушило недобронамерникот кој со сила се обидувал да влезе внатре, и му се пуштило…

Како да се уништи македонизмот

Бугарското барање за внесување на Бугарите од Македонија во нашиот Устав како конститутивен народ ни малку не е наивно! Тоа е колот кој санстефанците сакаат да ни го набијат меѓу двете крилја на подотворената наша врата, и работата да биде „ач капи“… па слободно да може да влегуваат-излегуваат… и како стожер на државата во која, по нивно, не постои македонскиот народ, да се разгаќат и со мислите да шетаат како по свое, од Дунав до Егејско море и од Черното Море до Охрида… и некаде погоре… подоле…

Во меѓувреме – за Бугарите од Македонија кои ни се колку еден заграб од трња, бараат да се грижи специјално формирана владина институција како детска градинка… Едновремено, со засек да се уништи македонизмот за да се прифати бугаризмот, како неостварен, пардон – остварен сон… и сè така натаму… да чекаат додека смелушавените плодови кои недозреани им висат меѓу пајажините на некалеменото бугарско дрво ветерот не ги дувне и одвее во нашиот двор како претходница на старо-новата клопка, која одамна ни ја спремаат за бришење на Македонците од светската карта на народи, а со тоа и распад на држава која не ја добивме од никого, на дар.

Досега комшиите делуваат однадвор, а сега сакаат со внесување во Уставот, удобно сместени, одвнатре да диктираат и тоа многу поразорно и забрзано. Како? Здружени со веќе внатрешните непријатели на Македонија и легитимираните биши теророристи, кои ја отфрлија јагнешката кожа под која, донекаде и до некогаш се криеја, а сега како власт, јавно се занесуваат – нивната УЧК која делуваше и партиски делува да се расчеречи Македонија, да ја видат како конститутивен моделатор на државата, која не се конституира сега… Значи – реконструирање! Ако тоа го сакаат Бугарите, зошто тие да не сакаат, како домашна напаст која додека го јаде македонскиот леб си замислува дека ѝ личи да ја криви устата настрана кога е дома… или службено ја претставува македонската влада некаде, омаловажувајќи се себе во обидот да ја игнорира држава?

Македонија партнерска држава?

Настојувањето Македонија да биде партнерска држава, како што во дует сакаат и Албанците и Бугарите, што значи „моја-твоја“ држава – само на Македонците не – создава друг концепт за државата, поради губење на концептот „мнозинство“ и „малцинство“. Тоа значи дека како Македонци бегаме од самите себе и од АВНОЈ и од АСНОМ, кога Македонија е конституирана како држава врз мнозински народ – македонски.

Прво, ниту Албанците (чест на исклучоците), ниту Бугарите не придонеле во антифашистичката борба за ослободување на Македонија од бугарската и италјанско – албанската окупација. Тие беа окупатори, кои на времето беснееја врз доделената и поделената Македонија на две окупациони зони. И второ: -зошто се толку настојчиви и што им значи барањето, како малцинства да бидат „преправени“ во конститутивен народ во држава која е конституирана 1944 година како национална држава на македонскиот народ,  исто како што Бугарија е национална држава на Бугарите, а Албанија на Албанците?

Доколку ние Македонците, исто како комшиите, ја сметаме националната идеја за вредност, тогаш нема да бидеме подготвени за компромис. Значи, со национално покомпактен и политички поцврст национален склоп и национална верба со цел, нема да може со македонизмот да се манипулира ни од внатре, ни од надвор.

Доколку преовлада сегашната разлеана состојба на свест во редовите на македонската нација, која од дамнина е резултат на долгорочни дневнополитички, но и геостратешки погубни интереси… и доколку прифатиме на наша штета да бидеме извршители на туѓите желби, Македонија ќе се преиначи од АСНОМ-ска и АВНОЈ-ска, во некаква – никаква мултинационална – и од внатре, од нас предадена ќе престане да постои како наша, македонска.

Наместо државата да се движи во правец на градење граѓанско општество, во кое граѓанинот е носител на суверенитетот, а колективните права се во втор план и се регулирани со меѓународни документи, ние сè повеќе функционираме по етнички тертипи кои одговараат само на душманите, со самото тоа што (ќе) ги множиме „конститутивните народи“.

Ние Македонците веќе не сме слободни луѓе

Повторувам по не знам кој пат: Конститутивноста во национална унитарна држава, не се парчи. Конститутивен или државотворен народ може да биде само еден. И по името на тој народ се нарекува државата. Сè друго води кон паралелизам и неминовен распад на државата.

Од што правиме „компромис“ како неуки, недоветни, алчни… се доведовме во состојба со нас да се поигрува кој како може (од политички партии, поединци, држави, европска, светската задедница…), така што, моменталната надворешна политика ни ја водат Бугарите, засилени со нашиот министер за надворешни работи, а внатрешната – Албанците. Ако продолжиме по овој пат, блиску е времето кога македонската нација ќе се потврди дека е вештачка и како таква, за нашите надворешни и внатрешни добронамерни пријатели непостоечка и опасна за нивниот суверенитет.

Во состојба на изедначеност на демократијата и анархијата како владеења, денес единствено анархијата се практикува кај нас, но и во Европа и општо во светската политичка сцена, а тоа значи манифестирана сила, принуда и личен интерес, како насочен пат кон општиот распад на човековата смисла за живот – рамноправност, почитување на вредности, хуманост, правдина… и, што е најважно – неуништивата потреба од правото на слободадарски здив.

Македонците веќе не сме слободни луге. Станавме, по свој ум и избор, зависници од туѓите интереси. Гнетејќи во Уставот повеќе конститутивни народи… ќе живееме во повеќедржавна држава, која припаѓа на сите кои се напикани во Уставот и на никого. Некој мисли дека тоа води кон граѓанска држава? Напротив – тоа води кон растур на државата бидејќи свесно ја рекомпониравме националната држава на македонскиот народ, во група на етнички заедници во измислено „мултикултурнонационално“ општество, кои се распоредени секоја по своја патека, користејќи ја држвата како трим-патека за реализирање на своите теснопартиски и строго оформени сопствени национални стремежи. Ние во сопствената држава од народ спаднавме на една од многуте етнички заедници, која за разлика од другите претенденти за делбеници, немаме друга држава за „бегство“, а од некого имаме и непризнат статус на народ. И со право. Народ кој својата матична држава ја дава на секој кој ќе побара сајбилук во неа, не може да се вика народ во државата во која сам се игнорира како таков.

Македонската нација се распаѓа без својата национална држава

Како што е сега ситуацијата, од познати и помалку познати причини, на територијата на Македонија не постоиме веќе со статус на македонска нација. А тој глас брзо се шири и надвор… Преостанува уште во самата Македонија, ваква каква што е – со туѓи заграби на територија, со туѓи развиорени знамиња, споменици на воени злочинци, културни домови со фашистичко име и програма – со прифатени уцени и притисоци од недоветните интелектуалци – наши политичари, ние Македонците внатре во Македонија, време е, сами да одлучиме за себе.

Вакви какви што сме, спаднати на мултиетнички галиматијас, во кој нема предводнички македонски народ со своја национална држава, како што соседите имаат, со право, тие покажуваат претензии кон нас како кон географски простор. Сетете се – ние имавме таква АВНОЈ-ска и АСНОМ-ска Македонија, но каде е сега? Што стана со неа?

Македонската нација се распаѓа без својата национална држава ако неа ја дели со други нации и тоа во време кога некои ги шират ветриштата внатре и надвор од државата, за непризнавање на самобитноста на насилно прекрстените Македонци. Прашање е дали таквата држава која е на сите, е и македонска? Како Македонци кои сме на пат да останеме без национална држава и територија, како што останавме без вековното име, а со оспоруван национален јазик и култура, историја… дали сме свесни дека сме во тотална криза на македонската национална идентификација?

Македонската држава не е сојуз на племенски поглавари, кои се токмат секој од свој агол да одлучуваат за судбината на државата, во смисол на нејзиното постоење. Не е ни можност за натпревар на колективитетите, па Собранието да се претвори во игралиште, во кое секој од играчите си шутира своја топка во голот на Македонија, кој нема голман.

Вакви какви што сме, со неиздиференциран политички субјект, составени од сојузи на племиња – ние сме за никаде. Станавме нација за внатрешна употреба, и го живееме тоталниот историски пораз кој не го доживеала ниедна нација во светот. Ние, како што им одговараше на Албанците го решивме – малцинското албанско прашање претворајќи го во национално, на наша сметка. Сега остана уште бугарското државотворно прашање да го решиме, за да можат да се кочоперат како народ во државата во која некогаш беа окупатори, а денес не го признаваат постоењето на македонскиот народ. Значи, за нив, нас ќе не нема во Уставот, а нив ќе ги има!

Време е да речеме – доста беше!

Новите и натрупаните маки како планина ни натежнале над главата од катадневните додадени бугарски барања, на кои ние треба да им ставиме крај, со тоа што ќе им речеме на нив и на Европа – доста беше!

Ако сега им попуштиме на Бугарите, не само за внесување во Уставот… како што тоа го сторивме на Албанците, Грците, Македонија сами ја распарчуваме од внатре и таа веќе личи на феудална колонија и тоа „мултиетничка“, што како поим и пракса преставува капитулантски срам за македонската нација. Со анархијата во правниот применуван систем во државата со моделот на „етничка демократија“ (!?), без звучното име на македонската државотворна нација, ни останува да бидеме проголтани од околните нации.

(Поднасловот и меѓунасловите се редакциски)

Поврзани содржини