ИМА ДЕБЛОКАДА НА ЕВРОИНТЕГРАТИВНИОТ ПРОЦЕС Креативен предлог на групата „Пријатели на Западен Балкан“ може да ни го отвори патот за 3 кластери
Она што е ново и инспиративно е дека групата „Пријатели на Западен Балкан“, што значи и наши пријатели, е активна и знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Има деблокада на македонскиот евроинтеграциски процес, има исчекор, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Според неа, процесот не зависи само од земјава, која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата. Потребно е време, но и добра волја, како и манифестирање добрососедство.
– По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање. Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија. Она што е ново и инспиративно е дека групата „Пријатели на Западен Балкан“, што значи и наши пријатели, е активна. Јас знам дека има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4. Знаете дека склучивме Договор за заедничка меѓународна и безбедносна политика. Впрочем, иако не сме членка на ЕУ, имаме целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика и мислам дека треба време, треба, она што е најважно – добра волја, треба манифестирање добрососедство. Во добрососедството не можам да препознаам механизми како ветото и сличните закани – рече Сиљановска-Давкова.
Таа одговораше на новинарско прашање во врска со вчерашната објава на Еуроактив дека Бугарија останува на ставот за промена на Уставот, како дел од преговарачката рамка.
Сиљановска Давкова учествуваше на настанот „Глобален женски појадок 2025“, што го организираше Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, по повод 11 февруари – Меѓународен ден на девојките и жените во науката.