ИМ СПРОВЕЛЕ ВОДА НА СЕЛАНИТЕ, АМА ОД ЗАГАДЕН БУНАР!? Кривични пријави за екс-градоначалник и директор на комунално

Со ваквите постапки, како што се наведува во пријавата, било загрозено здравјето на околу 120 жители на селото Прждево, кои ја користеле водата за пиење.

508

Поранешен градоначалник, поранешен директор на јавно претпријатие, Општина Демир Капија и ЈП за комунални работи „Бошава“ се најдоа под кривична истрага поради сомнение дека со своите постапки довеле до загадување на водата за пиење во селото Прждево.

ОВР Неготино до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против Л.П. (42) од Демир Капија, П.Ј. (50) од Неготино, Општина Демир Капија и јавното претпријатие „Бошава“, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“, предвидено во член 218 од Кривичниот законик.






Според полицијата, во периодот од јуни до октомври 2025 година, Л.П. како тогашен градоначалник на Демир Капија и П.Ј. како директор на ЈП „Бошава“ овозможиле на веќе избушен бунар за вода за пиење во селото Прждево да се постави несоодветна електрична и водоводна инсталација, без да постои каква било документација за техничката исправност на бунарот.

Во истиот период, тие во повеќе наврати дозволиле водата од бунарот да се дотура до резервоарот за вода за пиење, целосно занемарувајќи ги законските обврски. Дополнително, бунарот бил оставен слободно достапен за жителите на селото, што, според пријавата, довело до контаминација на водата.

Со ваквите постапки, како што се наведува, било загрозено здравјето на околу 120 жители на селото Прждево, кои ја користеле водата за пиење.

Истрагата треба да утврди индивидуална и институционална одговорност за настанатата состојба и потенцијалните последици по здравјето на населението.

Поврзани содржини