ИМ РАБОТИ МЕМОРИЈАТА, СЕ ПРАШУВААТ ШТО ПОТПИШУВАЛЕ Мицкоски им порача на опозиционерите дека „доаѓа времето за наплата“
Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил што потпишал, и тоа е потсвест која ќе продолжи да ги јаде.
Акцијата за преиспитување на концесиите за канабис се спроведува подолг период и правдата ќе си дојде на свое место, а опозицијата ја мачи тоа што доаѓа време за одговорност за сите вклучени лица – рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
– Оваа влада веќе шест лиценци има одземено. Од информациите со кои располагам, уште неколку ќе бидат одземени во периодот кој следи. Контролите продолжуваат, очекувам голем број лиценци да бидат одземени. Но, исто така за мене е поважно, што е правено изминатите години откако главната економска политика на претходната влада се темелеше на давање на лиценци и одгледување на цвет од канабис. Тоа беше главната економска политика на претходната влада и, нормално, ширење на хистерија кога сега од опозиција ја прават без да понудат било какво решение – рече Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеникот Љупчо Пренџов.
Премиерот Мицкоски рече дека фирмата во којашто се запленија повеќе од 30 тона цвет од канабис има роднинска поврзаност со висок функционер на опозицијата од минатото, односно претседател на локална организација во СДСМ во Ново Село.
– Не еден килограм, не еден тон, туку 30 тони. Факт е дека овие испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но тоа не можам јавно да го зборувам бидејќи е дел од истрагата. Тишината нив ги оптеретува, тие се навикнати на парада, камери, лисици, понижувања, омаловажувања, тие не се навикнати на соопштенија за јавност или кратка изјава и тоа ги мачи затоа што конечно доаѓа времето на наплата на она кое што во назад во времето било погрешено. Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил што потпишал, кој документ, што згрешил, тоа е цело време потсвест која ќе продолжи да ги јаде. Сега тие се молат да заврши истрагата побргу за да видат кои се тие, дали се тие или не, дали ќе се покрене постапка овде за одземање имунитет можеби, тоа ги мачи – изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски рече дека има чувство оти голем дел од нив ќе се изненадат, дека правдата ќе биде исполнета, и голем дел од нив ќе одговараат.
– Замислете држава во која главната економска политика се темели на канабис? Отидоа чекор понапред, сакаа да формираат слободни канабис туристички зони каде ќе биде дозволено користење марихуана. Не им беше доволно што тони канабис ќе порасне и генерации ќе бидат потенцијални зависници. Беа свесни за тоа и решија да направат слободни зони за консумирање канабис, па спомнуваа Дојран, Охрид и не случајно во тие региони има најмногу плантажи за да нема трошоци за транспорт. На тоа дојде крај и сега следи одговорноста и гарантирам дека одговорност ќе има – рече премиерот Мицкоски.