„ИМ ОСТАНА УШТЕ ДА УБИЈАТ НЕКОГО, АМА ЌЕ ЈА ВИДАТ МОЌТА НА ДРЖАВАТА СРБИЈА“ Вучиќ најави решителна акција за враќање на мирот, по насилните протести

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во наредните 3-4 дена ќе следат „изненадувачки одлуки“ на државата, односно „решителна акција на државата за враќање на мирот и поредокот во Србија“. Рече и дека за 10 дена ќе бидат приведени сите кои учествувале во нередите.

2,130

 

Прашање на ден е кога демонстрантите ќе убијат некого, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до јавноста по протестите во изминативе денови при кои беа запалени партиски простории на СНС и на други партии. Тој најави решителни чекори за ставање крај на протестите.






Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилства во Ваљево, Белград и во Нови Сад, вклучително и за палења и напади врз простории на политички партии, на полицијата и на други институции. Тој оцени дека она што се
случуваше во Нови Сад и во Ваљево, каде што беа демолирани и запалени просториите на владејачката Српска напредна партија е тероризам. Вучиќ рече дека станува збор контролирани сценарија на хаос, според кои протестите се организирани со цел дестабилизација и поттикнување изборни барања.

Тој најави дека во наредните 3-4 дена ќе следат „изненадувачки одлуки“ на државата, односно „решителна акција на државата за враќање на мирот и поредокот во Србија“. Рече и дека за 10 дена ќе бидат приведени сите кои учествувале во нередите.

– Со народот на Србија ќе го победиме ова зло. Во еден момент ќе ја видите сета моќ на државата Србија и ние ќе искористиме сè што е на располагање за да го вратиме мирот и редот во земјата и ќе победиме – рече претседателот Вучиќ и додаде дека државата ќе се спротистави на внатрешниот хаос и на надворешните притисоци.

Тој ги повика обвинителите да реагираат.

– Само се плашам дека во следните неколку дена да не убијат некого, пред формално правно да подготвиме сè за реакцијата на државата и сè друго што е неопходно. Тоа е сè што им остана, правеа сè друго – рече Вучиќ на прес конференцијата во Палата Србија, на која приуствуваше и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.

Вучиќ додаде дека државата ќе ги заштити „сите граѓани од насилство врз нив и нивниот имот“ и дека реакцијата на државата „ќе биде различна“ од претходно.

Според него, во последните два-три дена се повредени 173 полицајци, кои биле задолжени за одржување на јавниот ред и мир за време на ненајавени собири.

– Или ќе ги браниме вредностите на нормалниот, пристоен и демократски живот или ќе имаме ситуации да ни доаѓаат по куќите, а ние да стоиме и да гледаме – рече Вучиќ.

Тој ги праша „оние што организираат и вршат насилство што ќе прават утре кога клатното ќе се заниша и некои други ќе почнат да доаѓаат пред нивните куќи“.

На крајот, рече дека досега не слушнал реакција од еврокомесарката Марта Кос за палењето на просториите на СНС и праша дали таа воопшто го видела тоа.

Поврзани содржини