Илинка Митрева одликувана со орден „Витез на Легијата на Честа“ од Франција
Овие повторени растечки почести се признание за силната ваша посветеност за Северна Македонија, за Франкофонијата и за Европа. Тие се исто така и белег на верно и постојано пријателство помеѓу вас и нас, рече францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
Во француската резиденција вечерва амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија Сирил Бомгартнер, во името на Претседателот на Француската Република со орденот „Витез на Легијата на Честа“ ја одликува поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева.
Амбасадорот Бомгартнер на одликувањето истакна дека Митрева откако два пати беше одликувана со ордени во 1998 и 2016 година, ова е трет пат како неговата земја одлучува да ја одликува со највисокиот француски орден.
– Овие повторени растечки почести се признание за силната ваша посветеност за Северна Македонија, за Франкофонијата и за Европа. Тие се исто така и белег на верно и постојано пријателство помеѓу вас и нас. Оваа приказна помеѓу Франција и вас е пред сè и културна и јазична приказна. Кога странец зборува навистина добро француски, ние велиме дека тој го зборува како тебе и мене. Но, кога тој го разбира дури и подобро од тоа, тогаш не знаеме што да кажеме или поточно сме во искушение да не кажеме ништо – рече амбасадорот.