Илинден како можна метафора
Време е за нов курс, за вистинско почитување на современите вредности, дури и ако се подзаборавени и во Европа. Некој (ќе) мора да ја потсети на нив. Зошто тоа да не бидеме ние? Ако Европа се подготвува за некаква војна, мораме ли и ние? Ако Унијата диктира понижувачки третман и нерамноправни, недемократски односи, мораме ли постојано да ги прифаќаме? Ако навистина мораме да бидеме оние другите, барем да бидеме – подобрите, поморалните, пообјективните, похуманите и секако поцивилизираните!
Се чини дека ние сѐ уште не знаеме како Европа нѐ доживува и дали воопшто има поим што и како, и кога, се случувало на овие простори пред повеќе од сто години или нејзината самовљубеност е толкава што не остава простор за други. Веројатно е така, но тоа не е (само) нејзина вина. Прашање е што и како ние сме направиле, не да ја пропагираме – тоа звучи прилично незрело – туку да ја запознаеме (ако не повеќе) токму со значењето на Илинден 1903, па и АСНОМ, но не само во македонски или балкански рамки туку токму во европски. Тоа е важно ако веќе сме решиле да се здружуваме со неа.
Се разбира, мислам политички, иако формално ние, пред многу други, сме биле дел од тој културен простор. Но ние, во нашата често слепа верба во некаква правда и ограниченост да ги видиме реалните димензии на историската ароганција на „големите“ и „силните“, како да мислиме дека секој треба сам да си ја заврши домашната задача. Или барем во младешките години да научи нешто и за – другите. А тие „други“ сме ние, го сакале тоа или не. Зошто? Затоа што многу малку, или ништо, не сме направиле во последните три-четири децении за македонската историја, култура, популаризација (да, грд но современ збор!) на државата и, особено, во вредносниот натпревар со оваа и ваква Европа. Оваа Европа на „госпожа“ Урсула и сите нејзини претходници, на Макрон со неговата бласфемична самобендисаност, на Европа растргната од ултра десничарење несвојствено за 21-от век и квазилевица со драстичен империјалистички шмек, на лажен мултикултурализам и радикален национализам.
И тоа е „идеал“ што им се наметнува на сите кои тие намислиле да ги втераат во нивното трло, сосе нивните спектакли на „различноста“ (како што некои овдешни „филозоф(к)и“ ни поттураат под нос), но и со никогаш целосно незгаснатите воинствените извици и обновени прокламации за „наднации“ и „надлуѓе“ (повторно со одушевување прифатени од одредени кругови кај нас!).
Но, зошто сме ние – оние другите? Повторно, тоа не е само наша вина, иако во неа имаме голем удел. Токму тој Илинден 1903, но и оној АСНОМ 1944 година им ги „боцкаат“ очите на многумина во оваа и ваква Европа. Затоа што токму тој Илинден 1903 е првата република на Балканот на самиот почеток на 20-от век, а АСНОМ е трн во окото на многу „големи“ европски држави чии влади уште во 1940 година неа избегале од земјатите оставајќи го народот на милост и немилост на нацистичките фаланги. И затоа што по онаа 1945 година Македонија, во склоп на Југославија, се развиваше како современа демократска социјалистичка држава, додека во други „високоразвиени“ држави и понатаму владееше фашизмот, во други маршираа хунти и театрални „демократски“ режими.
Од онаа 1991 година и некои нејзини крвави разврски (повторно поттикнати од „старата дама“) таа Европа си зеде за право – но дадено и од нашите неуки политикантски елити – да ни држи лекции за сѐ и сешто, дури и за нешта кај нас одамна апсолвирани токму уште од времето на тој Илинден 1903, а по него и од АСНОМ и децениите на импозантен социјалистички развој од заостаната полуфеудална територија до современа држава.
Но, се разбира, на крај памет не ми е да ги спорам генералните димензии на европскиот демократски дух и култура или во неа да барам/бараме виновник за нашето заостанување – дури назадување – во нормалниот чекор со другите, па и со оние соседни и други европски држави кои до 1991 година не умееа ни да го изговорат зборот демократија. Не можеме, немаме право никого да обвинуваме за сопствените грешки, за неспособните политичари на чело на државата, на заборавените вредности на Илинден и АСНОМ на кои (божем) се сеќаваа само на 2 август. И ги „славеа“ со нивните познати ветви флоскули за некакви „генетски записи“, за смешен „континуитет на вредности“, „копнеж и жртви“ и така со ред.
Нивните ограничени капацитети, нивната неспособност и неукост ни наметнаа страотно себепотценување коешто ја фдрли в ќош целата дотогнашна политичка и културна историја на Македонија, славејќи некакво подаништво, малост, неугледност пред себеси и пред другите, а пред сѐ пред историјата. Беа подготовени дури да прифатат и дека постоиме од 1945 година, дека нашите татковци и мајки, баби и дедовци биле некаква аморфна маса којашто ја гмечел секој според свои потреби.
Впрочем, споредете ја монументалноста на идејата за Илинден и АСНОМ во „Македониумот“ во Крушево со она неугледно куќарче во Пелинце со некакви „сликарии“ на фасадата, што треба да глуми почит кон АСНОМ. Извинете, но некој одамна изгубил претстава што значат тие два настани и како треба да се однесуваме кон нив. Свесно или не, сеедно, историски важните, пресвртните нешта како да беа потиснувани од македонската меморија, особено антифашистичката борба но и европските прогресивни идеали вткаени и во идејата за првата република на Балканот.
Дали тогаш сме навистина зачудени што коекакви „аналитичари“ и неуки „професорчиња“ без една напишана книга се расфрлаат со етикети за историски личности, ги прогласуваат Мисирков и Делчев за Бугари, „се информираат“ од јавната „мрежа“ на лаги и конструкции, па дури и ги прогласуваат македонските историчари за фалсификување на историските факти? И кој и понатаму упорно им дава простор на нивните суети – сега и за МАНУ – и љубомори?
Затоа, можеби, на многумина, говорот на претседателката Сиљановска-Давкова им прозвучи чудно, непознато, со речник подзаборавен за „слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи“, за „правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите“, за Македонија „компатибилна со проектот за обединета Европа“… итн. Но и за правото и особено должноста на секој граѓанин, на секоја генерација „да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности“. И, се разбира, со главната поента за европеизација на државата, за владеење на правото и искоренување на корупцијата, со компетитивна економија и грижа за животната средина, со сплотување околу општото добро и јавниот интерес.
Но тоа е говор на интелектуалец, на научник, а не на лиферант на нечии конструкции и „вистини“ што можеле, пази богати, да се дознаат со „еден клик на интернетот“. Одамна заборавивме на ваков речник, на потсетувањата на корените на државноста и демократијата кај нас, но и на моралниот кодекс вграден во тие корени. Тој морален кодекс одамна е збришан не само од македонската политичка туку и од општествената сцена. А без него нема ни демократија, ни право ниту правда. Доволно долго гледавме безидејна, морално дезориентирана и криминално-коруптивна држава. Предолга е листата на апсурдни чекања, колебливи премислувања, необјасниви одложувања, цинични извинувања, лажни оправдувања за несработеното, што резултираше во веќе очебијното и отворено нечинење односно непостапување на штета на правото и правдата, функционалната држава, системот, спроведувањето на законите, па и на изборните ветувања. И сето тоа, заедно со повторното изедначување на партијата/партиската врхушка со државата, како еден од главните генератори на одржувањето во живот на системот на старите навики од времето на заробената држава во македонското општество.
Време е за нов курс, за вистинско почитување на современите вредности, дури и ако се подзаборавени и во Европа. Некој (ќе) мора да ја потсети на нив. Зошто тоа да не бидеме ние? Ако Европа се подготвува за некаква војна, мораме ли и ние? Ако Унијата диктира понижувачки третман и нерамноправни, недемократски односи, мораме ли постојано да ги прифаќаме? Ако навистина мораме да бидеме оние другите, барем да бидеме – подобрите, поморалните, пообјективните, похуманите и секако поцивилизираните!
извор: теодосиевскиуметност