ИЛИЕВСКИ СКОКНА ОД БРОДОТ ШТО ТОНЕ Директорот на ЈСП си поднесе оставка (ОБНОВЕНО)
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска преку соопштение информираат дека в.д. директорот на ЈСП „Скопје“, Иван Илиевски си заминува од функцијата, затоа што на Илиевски му престанал мандатот и веќе е започната постапка за избор и именување на нов в.д. директор.
По само пет месеци откако беше назначен од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, в.д директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски си заминува од функцијата, објави СДК.
Сепак од страна на кабинетот на Данела Арсовска беше демантиранаа веста за оставката на в.д. директорот Иван Илиевски, а како причина за неговото заминување е наведено истекнувањето на мандатот, како и дека веќе е започната постапка за именување на нов в.д. директор на ЈСП „Скопје“.
– На досегашниот директор градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му се заблагодари за досегашната професионална соработка во Јавното сообраќајно претпријатие, кое го наследи со огромни милионски долгови и кој покрај лошата состојба во која беше затекнато јавното претријатие со неговиот добар менаџмент и посветена работа, претпријатието го остава во добра организациска поставеност, решен голем број на проблемите како на граѓаните така и на вработените – стои во соопштението испратено од Град Скопје.
Според информациите Илиевски во текот на вчерашниот ден ја доставил својата оставка до градоначалничката Арсовска, а уште денес веќе се шпекулираат неколку имиња за негов наследник.
Неколкупати се обидовме да стапиме во контакт со директорот Илиевски со цел да ни објасни која е неговата причина за ваквиот чекор, но за жал одговор не добивме, а одговор немаше ниту од лицата за односи со јавност во ЈСП.
Како што е веќе добро познато, Јавното претпријатие е во лоша финансиска состојба со години и се одржува од субвенции кои месечно надминуваат милион евра.
Илиевски е втор директор од тимот на градоначалничката Арсовска кој си заминува од функцијата. Директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху си замина од функцијата само десет дена откако беше поставен за в.д. директор. Потоа Арсовска за директор го постави Бојан Христовски.
На оставката на директорот на ЈСП преку соопштение реагираа од партијата СДСМ во кое вела дека директорите почнаа да бегаат од Арсовска и нејзината неспособност
– Наместо да воведе нови автобуси и бесплатен автобуски превоз, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје си поднесе оставка. Оставката на директорот на ЈСП Скопје е втора оставка на директор на некое јавно претпријатие под ингеренции на Град Скопје во рок од само шест месеци. Очигледно дека и директорите на јавните претпријатија почнаа да бегаат од Данела Арсовска и нејзината неспособност. Толку од менаџерските способности на Арсовска – велат од СДСМ.
Прекинати проекти и партизација на градот е се што Арсовска „сработи“ во овие први шест месеци од нејзиниот мандат.