ИЛИ МИЦКОСКИ ДА СЕ КАНДИСА, ИЛИ НЕКОИ ПРАТЕНИЦИ ДА СЕ ПИШМАНАТ Маричиќ гледа два начина да се изгласаат уставните измени
Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време - рече Маричиќ.
Постојат два начини како да се дојде до уставни измени: ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години. Јас не гледам трет начин, можеби постои, но тие се двете опции, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот Бојан Маричиќ. Тој не смета дека избори би можеле да сменат нешто.
– Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време – рече Маричиќ.
Според него, изборите не можат ништо да променат по ова прашање. Напротив, вели Маричиќ, може само да го искористат ова прашање и да биде прашање кое што ќе доминира во кампањата за после тоа да биде изговор дека ВМРО-ДПМНЕ не може да гласа за уставните измени бидејќи во кампањата ветиле дека нема да гласаат под бугарски диктат. И потоа да влеземе во една заблуда дека е возможно да добиеме подобар договор и да чекаме уште десет години – рече Маричиќ.
Според него, логично е прво да се гласа за уставни измени, па потоа да се оди на избори.
Маричиќ вели дека владејачкото мнозинство има 72-73 гласа за уставни измени, потенцирајќи дека се работи на тоа да се достигне потребното мнозинство. Затоа, кога ќе се гласаат уставните измени, најави, самото закажување на продолжението на пленарната седница ќе биде индикатор дека власта го постигнала потребното мнозинство.
– Седницата ќе биде повторно закажана кога ќе се создадат услови. Ние во меѓувреме работиме и ќе работиме на создавање на услови за успешно гласање во Собранието. Моментот кога ќе биде закажана седницата ќе биде индикатор дека сме приближени до потребното мнозинство. Во моментот по она што се декларираше иако гласањето заврши на 70, мислам дека поддршката оди и до 72-73 пратеници. Меѓутоа ова беше гласање за дневен ред, да не заборавиме, не беше гласање за уставните амандмани – рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ смета дека е возможно да се комплетира процесот на уставните измени. Тој вели дека она што и него и поголемиот дел од јавноста ги плаши е дека ВМРО-ДПМНЕкако политичка партија нема намера да гласа за уставни измени ни сега, ни после изборите и затоа е неопходно во државата да се кристализираат две политички опции, без разлика кој на која партија припаѓа, да се знаат оние што се за членство во ЕУ и оние против.
Вицепремиерот на денешната промоција на кампањата „Ние сме Европа“ во организација на СЕП, одговорајќи на новинарско прашање, посочи дека се отворени за дијалог со опозицијата, но само ако тоа се предлози кои ќе доведат до двотретинско мнозинство. Тој додаде дека опозицијата не треба да создава заблуди за чекање на подобри шанси.
– Заблудите на одредени политички партии или презентирање на некакви заблуди за чекање на некои подобри шанси не чинеле скапо во минатото и може скапо да не чинат и сега – порача вицепремерот.