„ИЛИ ЌЕ НИ ДАДЕТЕ ОДГОВОРИ ИЛИ МИРНИТЕ МАРШЕВИ ЌЕ СЕ ПРЕТВОРАТ ВО БЛОКАДИ“ Родителите на загинатите во Кочани со ултиматум до институциите
Нема повеќе трпеливост, бараме итна одговорност. Време е да заврши одолговлекувањето. Ако до петок, 3 октомври, не добиеме одговор, нема повеќе мирни маршеви — ќе има протести и блокади. Нема повторно молчење, порачаа родителите.
Дел од родителите на загинатите во пожар во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март годинава, упатија остар повик до јавните обвинители и до судиите: бараат итни и јасни одговори за напредокот на постапките и најавија дека доколку до 3 октомври не добијат конкретен одговор, мирните маршеви ќе прекинат и ќе следуваат протести и блокади.
– Обвинители и судии, ние, семејствата на жртвите од трагедијата во ‘Пулс’, бараме итен и јасен одговор од вас. Доста е со молчење, поминаа шест месеци. Срамота е – рече мајка на едно од загинатите деца. Родителите појаснуваат дека до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) веќе доставиле прашања и очекуваат информации за тоа до каде е постапката против вработените во МВР и кога ќе се подготви обвинителниот акт.
На судиите од Кривичниот суд им упатија прашање дали ќе донесат оценка на обвинителниот акт или ќе се повлечат пред политички влијанија.
– Нема повеќе трпеливост, бараме итна одговорност. Време е да заврши одолговлекувањето. Ако до петок, 3 октомври, не добиеме одговор, нема повеќе мирни маршеви — ќе има протести и блокади. Нема повторно молчење – додаде мајката.
Роднините нагласуваат дека нивниот повик не е политички мотивиран, туку е израз на бес и тага поради месеци без одговори и без правна разврска. Тие порачаа дека ќе ја бараат вистината и одговорноста „до крај“, бидејќи, како што велат, цели семејства се уништени и немаат што да изгубат, па ја повикаа правосудната власт да покаже доблест.
Денеска во кочани по 24 пат маршираа родителите, роднините, пријателите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Во пожарот загинаа 62 посетители на дискотеката каде концерт имаше групата ДНК. Повеќе од 200 беа повредени. Дел од нив се лекуваа во странство, а дел во македонските болници. Нивното лекување уште трае.