ИЛИ ДОГОВОР ИЛИ НОВ НАПАД Трамп испрати нова порака до Техеран
Американскиот претседател вели дека постои голема шанса за договор со Иран, но предупреди дека доколку преговорите пропаднат, повторно би можело да дојде до напади.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека САД водат „добри разговори“ со Иран и дека постои реална можност да биде постигнат договор.
– Водиме добри разговори. Мислам дека има голема шанса нешто да се случи, а ако се случи, добро. Ако не се случи, ќе се вратиме на она што го правевме пред два дена – изјави Трамп.
Тој предупреди дека, доколку преговорите не дадат резултат, Иран повторно би можел да биде цел на напади.
– Или нешто ќе се случи многу брзо или воопшто нема да се случи – рече Трамп, одговарајќи на прашање колку долго ќе траат преговорите.
Американскиот претседател додаде дека Иран сака да преговара затоа што, како што рече, „многу тешко го погодивме“.
САД на 25 јули ја прекинаа двонеделната кампања на воздушни напади врз Иран.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека пораките меѓу двете страни и натаму се разменуваат преку посредници и дека Техеран не се откажал од дипломатскиот процес.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека информациите оти Иран бара директни разговори се „измислени“.
– Тоа не е во нашата ДНК – порача Багаеи.