ИЛИ ДИРЕКТОРИТЕ ЌЕ „ЛЕТААТ“ ОД ФОТЕЛЈИТЕ, ИЛИ НАД СКОПЈЕ НЕМА ДА СЕ ЛЕТА Вторник е ден за одлука, контролорите одлучни

Ако не бидат разрешени директорите, синдикатот порачува дека нема друга опција, освен да се затвори небото над Скопје од среда (10 јануари), пред сè заради безбедноста на патниците, порачаа контролорите на летање, најавувајќи нов штрајк.

4,992

Утре е денот „Д“. Или ќе бидат разрешени директорите на М-НАВ, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје.

Со ваква порака се соочува Владата пред седницата во вторник, на која треба да одлучува за настаните и насилствата во М-НАВ.






Синдикатот на контролорите, предовден од претседателот Александар Тасевски, побара оставки од директорите коишто беа прозвани поради упадот и физичкиот напад што се случи во минатата недела.  Но, никој не поднесе оставка.

Од оставките или од разрешувањето зависи натамошниот тек на настаните во Контролата на летање. Ако не бидат разрешени директорите, синдикатот порачува дека нема друга опција, освен да се затвори небото над Скопје од среда (10 јануари), пред сè заради безбедноста на патниците.

Незадоволството трае веќе подолго време, а синдикатот во повеќе наврати алармираше дека се вработува партиски, наместо стручен кадар, поради што се бараше сериозна реформа во службата и подобрување на условите за работа.

ПЛАТФОРМАТА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА БАРА ОДЛУЧНА РЕАКЦИЈА НА ПОЛИЦИЈАТА И НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Платформата на граѓански организации против корупцијата бара институциите на системот, во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во М-НАВ, кој се случи на ден 4.јануари 2024 година.

„Сметаме дека сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата, треба да бидат заштитени.

Каков било напад по оние што се одлучиле да застанат во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор. Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати“, се вели во соопштението.

Токму затоа, Платформата бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, да се испитаат и сите индиции за корупција или ризици од корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано, токму поради потребата од воспоставување на систем во кој ќе се постапува по сигналите за злоупотреба во работењето.

„Само на тој начин, системот ќе им демонстрира на досегашните и идните сведоци на корупцијата во рамките на институциите дека има поента да пријават корупција и дека по нивните сведоштва ќе се постапува“, пишува во соопштението..

Оттука, Платформата бара одлучна реакција на полицијата и јавното обвинителство за да се утврди кривична одговорност и овозможи заштита на оние кои пријавуваат, а од Владата како основач на М-НАВ да утврди морална и политичка одговорност кај оние што се вклучени, истакнуваат од Платформата на граѓански организации против корупцијата.

Поврзани содржини