📷 НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ДЕЦА УЧЕСТВУВАА ВО БАДНИКОВИТЕ ПОВОРКИ „Вечниот бог“ одекна по градовите и во дијаспората

Веќе 16-та година по ред, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко. Денешниот дожд не спречи неколку илјади деца да ја испеат „Вечниот бог“ носејќи ја Божиќната ѕвезда.

1,780

Неколку илјади деца ја формираа денеска Бадниковата поворка низ повеќе градови во државата, носејќи ја Божиќната ѕвезда и пеејќи ја „Вечниот бог“. Оваа манифестација се одржува во повеќе од 80 градови и населени места низ државава, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и САД.

Точно на пладне, во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, тргна од Музејот на Град Скопје и движејќи се по улица „Македонија“, пристигна на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божиќната пештера.






На сцената, како круна на целокупната манифестација, е изведена „Божиќна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која учествуваа повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.

Со бадникова поворка и традиционалната бадникова манифестацијата „Коледе леде“, што се одржа на градскиот плоштад, во Крива Паланка денес беше прославен големиот христијански празник Бадник. Една од организаторите на Бадниковите поворки Марија Саздева, истакна дека оваа музичко-сценска изведба е поинаква од другите и претставува кулминација на целата манифестација.

Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

– Целата таа еуфорија, светлина и збир на емоции во еден момент ќе застане на едно место и со 40 луѓе на сцената, актери, музичари, хорот „Златно славејче“ ќе направат сето тоа што сме го акумулирале низ сетилата да го интегрираме како трајно чувство што ќе остане до следната година – рече Саздева.

Над 500 деца на возраст од 3 до 18 години годинава учествуваа на Бадниковата поворка што ја организира Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“ од Кочани.

Таа посочи дека оваа Божиќна авантура е еден динамично-сценски перформанс наменет првично на децата да им се приближи божиќниот настан низ една фантазија. Вели дека на младите генерации мора автентично да им се доближи божиќниот настан, на начин на којшто ќе можат да го разберат и за да самите да стигнат до некои клучни пораки коишто и возрасните многупати ги забораваат.

Пораката од оваа манифестација, велат организаторите, е да останеме на страната на светлината.

– Тешко е да се остане на оваа страна во ова време на преплавеност од информации, од секакви традиции што ни се наметнуваат од странство, и нашата дијаспора многу свесно влегува во оваа приказна, дијаспората во неколку држави во САД, потоа во Франција, Австрија, Словенија, Италија, масовно се рганизирани со повеќе радови да се вклучат во бадниковите поворки . Тоа заедништво, таа припадност, да не заборавиме кои сме, и да го чуваме ова што ни е свето со дела – вели Саздева.

Централната Бадникова поворка во Скопје обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои заедно со општинските тимови во претпладневните часови ги пречекаа и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства се упатија кон централната манифестација.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.

Во Соборниот храм децата ја пееја песната „Вечниот Бог“, којашто ја најавува радосната вест за Христовото раѓање.

Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, пренесувајќи ја пораката за верата, љубовта и духовната радост – вредности што Бадниковите поворки ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години.

Веќе 16-та година по ред, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

Вербата во Бога и традицијата се вредностите на кои почива нашето самобитие, истакна градоначалникот Тони Коњановски кој заедно со најмладите битолчани учествуваше на Бадникова поворка.

Традиционалниот настан почна од плоштадот „Магнолија“ и со песната „Вечниот Бог“ се пееше низ Широк сокак до Офицерски дом во Битола.

Учесниците на денешната Бадникова поворка од градоначалникот добија пригодни Тони Коњановски Бадникови подароци.

Празнувањето во Делчево започна со вечерна богослужба во храмот, а потоа низ улиците на градот се одржа Бадниковата поворка, која веќе со години претставува препознатлив духовен настан во Делчево.

– Овие големи празници, Божик, Богојавление и Велигден, се темелот на нашата православна вера. Без Божик не би можеле да го имаме ни Велигден, а Богојавление ни ја открива Светата Троица. Затоа Црквата со посебна свеченост ги дочекува, започнувајќи ги со вечерна богослужба и Литургија – истакна епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко.

Обилниот врнежи од дожд кои непрекинато врнат во Дебар, не ги спречи малите бадникари да ја продолжат традицијата и да ја одржат бадниковата поворка на радоста. Поворката ја сочинуваат деца од градот, како и оние дојдени за празникот, кај своите баби и дедовци и неколку од долнореканските села, Битуше и Велебрдо, но имајќи го во предвид малиот број православни бројот на децата беше помал, кој се намалува секоја година.

– Иако, нас православните не има се помалку по број, продолжуваме со традиците. Песната „Вечниот Бог“, одекнуваше низ улиците. Срцето ми се исполни со радост а душата ми ја стоплија овие мали ангелчиња – рече за МИА, Весна Миновска, која гордо го следеше внукот Симон, кој со родителите живее во Гевгелија а за празниците се тука.

Во Македонска Каменица, во утринските часови, освен поворката, во храмот беше отслужена Божествена литургија од Неговото Преосвештенство, епископот на Делчевско-каменичката епархија, г. Марко, на која присуствуваа голем број верници и граѓани.

– Со особена радост ги проследив најмладите кои, со чисти срца и детска искреност, учествуваа во Бадниковата поворка, сведочејќи ја живата вера, надежта и љубовта што се пренесуваат од поколение на поколение – посочи градоначалничката Соња Стаменкова.

Во Крива Паланка, манифестацијата започна претпладне од плоштадот „Карпошово востание“, од кадешто тргна свечената бадникова поворка во која учествуваа над двесте дечиња од двете основни училишта во Крива Паланка, како и членови на културно-уметничките друштва, кои со симболичните божиќни ѕвезди пеејќи бадникови и божиќни песни, продефилираа низ централното градско подрачје сѐ до градскиот плоштад.

Настанот беше збогатен со свечена програма – концерт бадникови и божиќни песни во изведба на ученици од градот, под раководство на професорката Лариса Жулина Митовски.

Децата од Куманово учествуваа во Бадниковата поворка и ја пееја „Вечниот бог“. Со ѕвездички во рацете и пештера се движеа од соколанскиот парк по централните градски улици до градскиот плоштад.

Манифестацијата која се одржува по 11-ти пат ја организираа „Бадникови поворки“ со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.

Во Струмица денеска Фондацијата „Елеуса“ во соработка со Струмичката Епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј” и ВИС „Стихири“, а под покровителство на Општина Струмица и годинава традиционално  организираа Бадникарски концерт и поворка.

Одбележувањето на Бадник почна со Бадникарска поворка од Манастирот „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, која се движеше до зградата на Општина Струмица, каде младите бадникари ги пречекаа градоначалникот Петар Јанков и викарниот епископ Стобиски Јаков и притоа им поделија пакетчиња.

Според градоначалникот Петар Јанков, ова е еден прекрасен настан кој ја негува нашата традиција.

Бадникова поворка се одржа во Тетово и покрај интензивен дожд. Во Соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија Свети Кирил и Методиј во Тетово, надлежниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Василиева Литургија. Тој потоа ги благослови децата бадникари кои тргнаа со поворка од Соборниот храм Свети Кирил и Методиј пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ со која се најави Рождеството Христово низ градските улици и булевари.

Поврзани содржини