„IKARUS“ ЌЕ ГИ ДОНЕСЕ АВТОБУСИТЕ, ЕВН ЌЕ ГИ ПОЛНИ Избрана најниската понуда на тендерот за 150 електрични возила и 70 полначи

Две компании ги исполнија условите за учество, а по електронската аукција најниска цена понудија IKARUS Electric Zrt и ЕВН.

0

Четири компании доставиле понуди на јавниот повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, а по спроведената евалуација, две ги исполниле условите за учество во електронската аукција. Најповолна понуда доставила унгарската компанија „IKARUS Electric Zrt“, во заедничка понуда со ЕВН, информира Министерството за транспорт.

Според Министерството, на јавниот повик се пријавиле „BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi“, „IKARUS Electric Zrt“ во заедничка понуда со ЕВН, како и „Xiamen Golden Dragon Bus Co. Ltd“ и „YES-EU DENMARK A/S – YUTONG“. По евалуацијата, Комисијата утврдила дека само првите две компании ги исполнуваат условите за учество во електронската аукција.






По завршувањето на јавното наддавање, најниска цена понудиле „IKARUS Electric Zrt“ и ЕВН, во износ од 3.120.956.004 денари без ДДВ. Според понудата, цената по еден електричен автобус изнесува 19.796.924 денари без ДДВ, додека една станица за полнење чини 2.018.899 денари без ДДВ.

Комисијата за јавни набавки предложила оваа понуда да биде избрана за најповолна, по што следува рок од 10 дена за евентуални жалби.

По потпишувањето на договорот, избраниот понудувач ќе треба да ги испорача автобусите и станиците за полнење во три фази:

– 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење – во рок до шест месеци;

– 60 електрични автобуси и 30 станици за полнење – во рок до 12 месеци;

– 60 електрични автобуси и 30 станици за полнење – во рок до 18 месеци од склучувањето на договорот.

Од Министерството за транспорт посочуваат дека постапката ќе продолжи согласно законските рокови, а договорот ќе може да се потпише по завршување на жалбената постапка, доколку нема пречки.

Поврзани содржини