ИГРАВ, ПОБЕДИВ, ИСЧИСТИВ! Јапонските репрезентативци им одржаа лекција и на Германците и на светот
Освен победата над фаворитот Германија светската публика ја воодушеви и чистотата што зад себе ја оставија јапонските репрезентативци.
Јапонската фудбалска репрезентација го воодушеви светот не само со извонредната и неочакувана победа над светската фудбалска велесила Германија, туку и со однесувањето на јапонските фудбалери надвор од теренот.
На четвртиот ден на Светското првенство во Катар Јапонија приреди сензација откако со пресврт ја совлада извиканата и фаворизирана Германија со 2-1 (0-1) во рамки на првиот натпревар во групата Е.Германската репрезентација поведе на стадионот „Калифа интернешнл“ во Доха преку Гундоган од пенал во 33 минута. Израмнувањето дојде во 75 минута преку напаѓачот на бундеслигашот Фрајбург, Ритсу Доан, а целосен резултатски пресврт за голема победа на Јапонија донесе уште еден бундеслигашки фудбалер, Такума Асано од Бохум, со прецизен удар во 83 минута.
Но, она што уште повеќе ги воодушеви спортските фанови широм светот беа фотографиите од соблекувалната на јапонските репрезентативци, кои тие ги оставија во совршен ред, како и фотографиите кои осамна на Фејсбук на кои се гледа како репрезентативците на Јапонија го собираат ѓубрето од трибините што зад себе го остави публиката. Ваквото однесување наиде на бројни пофални коментари.