ИДНИНАТА НА ЗЕМЈАТА СЕ ГРАДИ ДОМА ПРЕКУ ЗНАЕЊЕ И ИДЕИ Божиновска на Средношколскиот натпревар за зелени иновации
Натпреварот го организира Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет – Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, а партнери и поддржувачи годинава се и приватниот сектор и образовни институции кои обезбедуваат финансиска и менторска поддршка за младите тимови.
Најдобрите 20 од 42 средношколски тимови кои аплицираа за Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта 2026/2027 денеска се натпреваруваа во полуфиналето кое се одржа на Машинскиот факултет во Скопје.
Осумте најуспешни ќе обезбедат пласман во финалето што ќе се одржи на 7 мај во Кавадарци.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска која е покровител на натпреварот на денешното отворање рече дека иднината на државата се гради дома, преку знаење, идеи и храброст.
-Ако државата сака силна економија и стабилен енергетски систем, мора да инвестира во тие што ќе го носат утрешниот развој. Овие млади луѓе не се само ученици – тие се идни инженери, претприемачи и креатори на политики –рече таа.

Таа нагласи дека зелените иновации повеќе не се избор, туку неопходност, и дека државата мора да создаде услови младите својата иднина да ја гледаат тука, а не надвор од земјата:
-Нашата обврска како институции е јасна – да ги препознаеме, да ги поддржиме и да им создадеме услови на младите да ги реализираат своите идеи овде. Да не бараат шанса надвор, туку да ја добијат дома. Да останат, да создаваат, да градат кариера и да ја развиваат државата. Континуираната поддршка на младите, нивните идеи и иновации не е избор – тоа е предуслов за напредок- рече Божиновска.

Натпреварот го организира Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет – Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, а партнери и поддржувачи годинава се и приватниот сектор и образовни институции кои обезбедуваат финансиска и менторска поддршка за младите тимови.
Овој натпревар е платформа каде што младите ги претвораат своите идеи во реални концепти – решенија за енергетска ефикасност, обновливи извори, циркуларна економија и одржлив развој. Токму затоа, натпреварот веќе доби и меѓународно признание – престижната ETF Green Skills Award 2025, во конкуренција од над 50 земји, што дополнително ја позиционира Македонија како земја која инвестира во зелени вештини и иднина.