Идеолошки дискурс-циркус

Соцреализимот беше и остана нивниот идеален систем, нивната идеолошка матрица наметнувана секогаш кога добиваа власт. Таквите „наследници“ го немаа(т) капацитетот да разберат дека современиот граѓанин не сака „факел кој го покажувал патот“ зашто таквите факели всушност водеа кон идеолошки едноумен мрак, дека нивната „идеја“ за „добро на државата“, дека нивниот тип на „борба, со знаење, чесност и со срце“ обично водеше во идеолошки бездни, во арогантна неспособност, а на крајот и во криминал и корупција.

18

Се надевам дека после конгресот на сектата што го глуми некогашниот сдсм (малите букви се реален одраз на нивната денешна државотворност) нештата стануваат многу појасни. Зашто, она што јас веже здодевно го трубам овие години – дека конкретни политикантски сили упорно ја држат земјата во некои црни минати времиња – таму излезе на површина „црно на бело“, јасно и гласно. И без глас против. Поточно – дури и со аплауз!

Не сакам да кажам дека е лошо некои да се гледат себеси како следбеници на едно минато време (без оглед што тоа со години го негираа кога беа нарекувани потомци на „црвената буржоазија“!), како што тоа изрично го нагласи „лидеро“ на сектата дека тие, и само тие, се „директни наследници“ на оние од 1944 година, дека нивната државотворност „тече низ вените на секој еден од нас“ и дека токму тие и само тие се тука да ја чуваат Републиката од сите нас. И тоа, ни помалку ни повеќе, туку тогаш „кога другите сакаат да ја поделат, пљачкаат и изолираат“. Ништо не рече за фактот дека барем половина од овие три децении токму тие „државотворци“ беа главните пљачкосувачи во земјава, а нивните „политики“ ја држеа во длабока изолација! Требаше ли ние тогаш да им излеземе со суроици и да им го дотераме умот? Згрешивме.






Но добро, да речеме дека тоа е веќе минато, но ваквата јавна актуелизација на тоа минато, сега во форма на отворено признание на „политичката линија“ од којашто нема скршнување, но и јасно изречените закани за сите неистомисленици, фрла поцелосна слика за „развојот“ на земјата по 1991 година.

Зашто, кога некој слепо и некритички реактуелизира „политики“ на некои историски претходници и „идеолошки другари“ (иако мислам дека грото од тогашните не би сакале ништо да имаат со овие слепци!), се самопрогласува за нивен политички и идеолошки наследник со смешно – да не речам малоумно! – чувство за божемна државотворност што тече низ вените на секој еден од нив, тогаш нешто сериозно не е во ред. Поточно, во 1991 година, и потоа, никогаш и никаде – најмалку во Уставот – стануваше збор за продолжување на старите социјалистички политики, за изградба на некаков налудничав „имунолошки одбранбен систем“ од секој кој размислува поинаку, уште помалку за некаква идеологизирана секта која себеси се гледа како лек за граѓаните и „глас што грми“ над нивните глави!

Таков систем, таква држава во денешно време веројатно би посакувале само незрели и неповратно индоктринирани луѓе. Мнозинството кај нас, за среќа, не беше такво, но некои, очигледно, беа и останаа историски и идеолошки реликти. Ако добро се сеќавам, тогаш се говореше за напуштање на идеолошкиот курс, за повеќепартиски систем, за демократија, за човекови права, за нови вредности… Што се случи со овие нешта, зошто останаа само мртво слово во документите но никогаш ефектуирани, реализирани во вистинскиот живот? Или тоа беа само старо-нови пароли, фасада за нова а всушност стара држава по терк на „наследниците“, на душегрижниците за идеолошката чистота на нацијата?

Соцреализимот беше и остана нивниот идеален систем, нивната идеолошка матрица наметнувана секогаш кога добиваа власт. Таквите „наследници“ го немаа(т) капацитетот да разберат дека современиот граѓанин не сака „факел кој го покажувал патот“ зашто таквите факели всушност водеа кон идеолошки едноумен мрак, дека нивната „идеја“ за „добро на државата“, дека нивниот тип на „борба, со знаење, чесност и со срце“ обично водеше во идеолошки бездни, во арогантна неспособност, а на крајот и во криминал и корупција. Надежта во државава никогаш не ја поистоветуваа со демократијата, еднаквоста, вредностите… туку само со името на нивната секта и нејзините водачи.

Никогаш не разбраа – едноставно: не можеа! – дека на современиот граѓанин не му треба „клучен коректив и заштитен механизам“, уште помалку можеа да видат дека тие, едноставно, се неспособни ни за тоа. Не разбраа, не можеа да разберат заради сопствената неукост и ограниченост, дека на современиот македонски граѓанин му е прекуглава од такви и слични идеолошки тутори и политикантски ментори, дека едно демократско и праведно општеството може да се потпира само на морал, чесност и темелни вредности и секогаш отфрла такви идеолошки обвинители. Заслепени од некаква нивна историска улога тие не смогнаа сила ни да се дообразуваат дека таквата „историска свест“ одамна беше ставена под сомнеж (Валери, Сартр, Леви Строс, Фуко…) и напуштена како предрасуда, лажна супериорност и идеолошка премоќ.

Од друга страна, целиот нивен придонес во изминативе децении се сведува само и единствено на личен односно групен (партиски и идеолошки) интерес и одржување на главните смерници на некогашниот соцреализам како единствена можна сурогат-политика во земјата. Сите нивни политички потези беа/се насочени во тие правци – сето останато беше само лоша „демократска“ шминка, аматерски „склепана“ фасада за залажување на јавноста. Впрочем, целиот процес така и започна: со онаа фингирана приватизација којашто требаше да овозможи етаблирање на нова „демократска“ олигархија како главен „спонзор“ на нивните ново-стари соцреалистички походи. Иако последниве години се покажа дека и таа наводно силна идеолошка страна на „наследниците“ била само добро режирана претстава за наивен народ. Тоа, имено, го покажа „славниот“ бугарски протокол во којшто тие не само што порекнаа секаква историска врска со нивната 1944 година, туку се откажаа и од антифашизмот!

Целиот нивен идеолошки дискурс-циркус и неговите рецидиви се само наивен налудничав светоглед односно обид за враќање на историското тркало, го гледаме тоа и денес, не само низ „говорот“ на нивниот лидер на божемниот конгрес, туку и низ сите „политики“ што ги предлагаат во државава. Како впрочем и низ актуелните „работнички“ протести за поголеми плати! Затоа и нивната „борба“ никогаш не е политичка туку е квази-идеолошка, олигархиска, манипулативна и во самата суштина коруптивна и криминогена. Што беше најочигледно во изминатите седум години безумно дивеење низ државата со нивните коалициски пајташи.

Социјализмот, односно соцреализмот, никогаш не разбра – но за тоа и немаше објективна потреба во тоа време – дека демократијата и политичката борба се остваруваат во јавниот простор а не во кулоарите и биртиите, дека во неа сите се рамноправни, еднакво како и пред законите. И само тогаш може да се говори за демократија и политика, за целна политичка активност во интерес на граѓанинот и државата. Но тие, впрочем, никогаш и не се чувствувале како граѓани туку како наследни по раѓање господари во државата, како повисока класа на чии желби и барања сѐ мора да биде подредено.

Оттука, оваа и ваква „опозиција“ може да се нарече и „збунета опозиција“ (како што ја нарекува М. Анѓелковски), но тоа сепак е благ израз за она што таа во реалноста е. Зашто, не може нормален човек да биде збунет цели три децении, нели? Кај нив, вакви какви се, сепак станува збор за многу, многу подлабоки нешта. И грди, за жал. Затоа тие никогаш и не биле „имунолошкиот одбранбен систем“ на граѓанинот и државата туку попрво идеолошка сопирачка за востановувањето и практикувањето на реалната демократија.

Поврзани содржини