Идентитетскиот карусел на ЕУ

Дали некој воопшто се сетил да ги советува Финците, во текот на нивните преговори за членство, да не се вознемируваат непотребно, бидејќи никој не би можел да им ги одземе нивните традиционални идентитетски симболи, како, на пример, седењето во сауна и удирање со брезови гранчиња по грбот, закуските со карелски пирошки, или, можеби, да им ги оспорува популраните приказни дека Дедо Мраз, кога не лета околу светот да дели подароци, живее на Северниот Пол, или некаде северна Финска?

975

Кога Шведска стана членка на ЕУ во 1995 година, Европската комисија предводена од тогашниот претседател Жак Делор изрази задоволство дека шведските искуства ќе претставуваат значаен придинес кон еколошките прашања и заштитата на животната средина, кои имаат голема важност за целата Унија. На сличен начин беше поздравено и зачленувањето на Финска, истовремено со Шведска, со очекувања за придонес кон прашањата поврзани со слободната трговија, истражувањата и иновациите.

Никој не чувствуваше потреба пред лицето на ЕУ да ја истакнува „посебноста“ на шведските идентитски симболи, видени, на пример, преку традиционалните јадења какви што се ферментираната харинга и малите ќофтенца во рестораните на Икеа. Ниту, пак, некому му падна на памет да предизвика жолчна дебата околу историјата и епохата на славните Викинзи од пред повеќе од илјада години, за тоа кој влече директно потекло од нив, а кој се обидува да „краде“ делови од тоа заедничко историско наследство и да си ги припишува на сопствениот идентитет. Кого во ЕУ би го интересирало тоа?






Дали некој воопшто се сетил да ги советува Финците, во текот на нивните преговори за членство, да не се вознемируваат непотребно, бидејќи никој не би можел да им ги одземе нивните традиционални идентитетски симболи, како, на пример, седењето во сауна и удирање со брезови гранчиња по грбот, закуските со карелски пирошки, или, можеби, да им ги оспорува популраните приказни дека Дедо Мраз, кога не лета околу светот да дели подароци, живее на Северниот Пол, или некаде северна Финска?

Значи, има ли потреба од такво нешто? Во Брисел без двоумење ќе ви речат дека националниот идентитет во рамките на ЕУ значи дека секоја земја-членка го задржува својот уникатен културен и историски идентитет, додека напоредно се интегрира во градењето заеднички европски идентитет. Неброено пати досега „папагалски“ се повторувало дека успехот на ЕУ се темели на разновидноста на националните идентитети и дека е исклучително важно тие да се почитуваат и зачувуваат. ЕУ се стреми да создаде чувство на припадност и заедничка културна свест кај своите граѓани, без тоа да го прави на сметка на националниот идентитет. Штима ли тоа и во однос на кандидатката за членство со долг стаж на чекање, Македонија, или е таа, сепак, еден мал исклучок од правилото, принудена, како жртва на непринципиелна политика, „лавовски“ да се бори за да ја докажува посебноста на сопствениот национален идентитет.

Нам не ни е потребна, како што пред извесно време тврдеше поранешниот полски премиер Моравјецки, некаква „паневропска космополитска елита“ што се обидува да создаде „нов човек, искорнат од својот национален идентитет“.

Токму прашањето за „искорнатиот национален идентитет“, кое и многумина други го гледааат како непосакувана жртва пред олтарот на федералистичките тенденции во ЕУ, е и понатаму актуелно. Посебно, се чини, за Македонија, која веќе многу жртвуваше за забрзување на сопствениот пат кон ЕУ, така што се поставува прашање дали воопшто може да жртвува уште нешто во однос на веќе значајно нарушениот национален идентитет. И што е тоа што може да се толерира за да се „искорне“ од националниот идентитет, во насока на пренесување делови од сопствената сувереност кон наддржавниот европски проект?

Не случајно одвреме-навреме се актуализира дебата околу иднината на Европа со предупредувања дека ЕУ ризикува да стане централистички разводнет проект на супердржава. Од оптимистичка гледна точка се тврди дека таквиот ризик е незначителен, токму поради културата. Уникатноста во ЕУ-проектот е мешавината на култури, контрастите, јазичната разновидност, локалните културни специфики што се засилуваат и покрај процесите на интеграција и хармонизирање на европското законодавство.

Успехот на десничарско-популистичките партии ширум Европа, и покрај сите искуства од европските трагедии во 20-тиот век, покажува дека сепак не е мал бројот на избирачите што сакаат својот глас да им го дадат на партии чии идеи веќе се наоѓааат на отпадот на историјата. Тоа се должи на политиката што се гради врз инсистирањето дека во центарот на општеството мора да бидат нацијата и религијата, а не животниот стандард, екологијата, човековите права, како и посигурна иднина за идните генерации.

Факт е дека националниот идентитет е европска конструкација од 19-тиот век, што се коси со митот за нацијата како вечна и природна. Се создава колективна меморија за која се тврди дека стои на непоколеблива и цврста почва, но всушност е променлива. Идентитетите се создаваат преку долготрајни процеси, при што нациите го управуваат своето митолошко наследство преку историографија која го истакнува тоа од што се има полза, кога станува збор за политичките симболи, јазикот и културата, додека другите нешта завршуваат на буништето на историјата.

ЕУ се соочува со сериозни предизвици обидувајќи се да изнјаде избалансиран пристап за да се постави некаква рамнотежа меѓу апетитите и стремежите на националистите и натамошното продлабочување на европската соработка. Бугарија максимално ја користи и злоупотребува таквата нерешетилност на Брисел, терајќи ја упорно водата на својата воденица. Европското „единство во различностите“ за Софија е само здодевна приказна.

Сугестијата на еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, дека никој никому не може да им ги одземе „идентитески“ препознатливите кулинарски специјалитети, сепак, тешко може да се стави во контекст, кој, ни со најдобро изразена волја за разбирање, не би бил дискутабилен. Патем речено, ‒ доколку со малку цинизам ја спуштиме дискусијата на нивото што го предлага Кос, ‒ цементирањето на македонскиот идентитет во Брисел, и пошироко во ЕУ, тешко дека ќе биде потпомогнато со вкусот на „тавче-гравче и полнети пиперки“, туку поверојатно е дека тоа ќе го направи исклучително квалитетната свежа македонска зелка, познат и популарен производ во западноевропските супермаркети. Би било убаво доколку Марта Кос со својот словенечки шарм најде за сходно да даде мал придонес во разјаснувањето на ова прашање, барем на своите колеги од Европската комисија.

А што се однесува до претседателката на Европската комсија, Урсула фон дер Лајен, без оглед на мирисите и мирудиите од македонската кујна, нејзината поддршка на македонскиот идентитет веќе беше изразена на повисоко и посериозно ниво. „Целосно го почитуваме вашиот јазик, македонски јазик“, рече таа во македонското Собрание, нагласувајќи притоа дека се надева оти нема да помине многу време кога македонскиот јазик ќе биде 25-тиот официјален јазик во ЕУ.

Нема причина некому да му биде на груб начин одземено местото на бриселскиот идентитески карусел. Би било охрабрувачки доколку Дер Лајен би излегла пред Европскиот парламент да го повтори и потврди таквото свое недвојбено сознание. Доколку навистина верува дека е така.

Поврзани содржини