И ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ СЕ ПОЈАВИ НА ВЕЧЕРАТА ВО АТИНА? Ковачевски ќе ѝ брифира на Фон дер Лајен за уставните измени
Додека присуството на Зеленски не е потврдено, најверојатно од безбедносни причини, средбата Ковачевски-Фон дер Лајен треба да се случи околу 20:15 часот по локално време, пред неформалната вечера.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се појави на неформалната вечера на лидерите од Балканот денеска во Атина, но потврда за ова уште нема, најверојатно од безбедносни причини.
На средбата ќе се појави и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, а македонскиот премиер Димитар Ковачевски најави дека ќе ја информира за текот на уставните измени иако, како што истакна, „таа веќе ги има сите информации и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето“.
Средбата на Ковачевски со Фон дер Лајен се очекува да се одржи пред неформалната вечера која е закажана за 20:15 часот по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.
На вечерата која е иницијатива на грчиот премиер Кирјакос Мицотакис, треба да присуствуваат и претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите членки во ЕУ од регионот – премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија. Покана за присуство на неформалната вечера добиле и властите на Албанија, но на средбата нема да нивен претставник.
Според грчките медиуми, вечерата треба да ја означи водечката улога на Грција како столб на стабилноста, мирот и енергетската безбедност на Балканот и на Југоисточна Европа. Истовремено, денеска навршуваат 20 години од Декларацијата од Солун на Самитот ЕУ-Западен Балкан, причина повеќе за ваквиот собир на лидерите.