„И ЗДРАВЈЕ И РАБОТА“ Иницијатива бара „Иловица – Штука“ да се оценува според фактите, а не според емоциите

Локална иницијатива од струмичкиот регион повикува проектот „Иловица – Штука“ да се оценува врз основа на научни анализи, законски процедури и највисоки еколошки стандарди, со цел истовремено да се обезбедат заштита на животната средина и нови работни места.

3

Локалната иницијатива „И здравје и работа“ од струмичкиот регион повика проектот за рудникот „Иловица – Штука“ да се разгледува врз основа на научни анализи, законските процедури и мислењата на стручната јавност, оценувајќи дека Македонија не смее да ја пропушти можноста за една од најголемите инвестиции во својата понова историја доколку се исполнат сите законски и еколошки услови.

Во соопштението, иницијативата наведува дека државата се наоѓа пред важна одлука во време кога европските земји инвестираат во критични минерали потребни за зелената транзиција, додека во Македонија, според нив, дебатата премногу често се води со емоции, а недоволно со факти.






Од иницијативата велат дека проектот не го гледаат само како рудник, туку како можност за отворање нови работни места, развој на локалната економија и задржување на младите во земјата.

Тие потсетуваат дека во јавноста изминатиот период повеќе професори, геолози, инженери и други експерти говореле за современите технологии што денес се применуваат во рударството, како и за европските стандарди за заштита на животната средина, оценувајќи дека токму тие ставови треба да бидат основа за носење одлуки.

Во соопштението се наведува дека стратешките проекти треба да се оценуваат врз основа на законите, стручните анализи и институционалните процедури, а не под влијание на притисоци и дезинформации.

Иницијативата бара целата постапка за проектот „Иловица – Штука“ да биде целосно транспарентна и да се спроведе согласно законските прописи. Според нив, доколку проектот не ги исполни сите еколошки и технички критериуми, не треба да биде реализиран, но ако ги исполни, државата треба да ја искористи можноста за значајна инвестиција.

Воедно, тие повикуваат законите да важат подеднакво за сите, науката и стручноста да имаат предност пред дезинформациите, природните ресурси да се користат одговорно и во интерес на граѓаните, а економскиот развој и заштитата на животната средина да не се третираат како спротивставени цели.

„Ние сме жители на овој регион. Тука живеат нашите семејства, тука растат нашите деца и токму затоа никој нема поголем интерес од нас природата да биде заштитена. Но, исто така сакаме можност за работа, достоинствен живот и иднина во сопствената држава“, се наведува во соопштението на иницијативата.

Поврзани содржини