ИЈЗ ИЗЛЕЗЕ СО ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Граѓаните од поплавените места добија строги упатства

Институтот за јавно здравје со шест јасни препораки за заштита на населението: безбедна вода, хигиена, храна, спречување зарази и следење на здравствената состојба.

0

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вечерва излезе со итни препораки за граѓаните од поплавените подрачја ширум земјава. Главната порака е, водата од локалните системи и бунари да не се користи за пиење сѐ додека не се добие официјална потврда дека е безбедна.

Од ИЈЗ предупредуваат дека постои ризик од контаминација на водата со фекалии, отпадни материи и бактерии, па затоа граѓаните треба да користат флаширана вода или вода превриена најмалку 10 минути.






– До добивање официјална информација за исправноста на водоснабдувањето, користете само флаширана вода или превриена вода најмалку 10 минути – наведуваат од ИЈЗ.

Граѓаните кои користат вода од локални водоводи, бунари, кладенци или извори исто така треба задолжително да ја превриваат.

Од Институтот препорачуваат граѓаните да внимаваат на личната хигиена, да ги мијат рацете со сапун и чиста вода, и да избегнуваат директен контакт со поплавена вода, која може да содржи опасни микроорганизми или хемикалии. Како дополнителна заштита препорачуваат употреба на дезинфекциски средства.

Храната допрена од поплавена вода се смета за небезбедна и треба да се отстрани. Сите производи треба добро да се измијат со безбедна вода, а храната задолжително да се термички обработува.

Поплавите создаваат услови за појава на комарци и навлегување глодари во домовите. Институтот посочува дека треба да се отстрануваат застојни води, добро да се чисти околината, да се затвора храната и редовно да се изнесува сметот.

Локалните самоуправи, во соработка со центрите за јавно здравје, треба да спроведат механичко чистење, отстранување на неколку сантиметри од површинскиот слој на тињата и да извршат дезинфекција, дезинсекција и дератизација каде што е потребно.

Граѓаните кои ќе забележат симптоми како треска, дијареа или кожни инфекции треба веднаш да побараат лекарска помош, бидејќи станува збор за можни заболувања поврзани со контаминирана вода.

ИЈЗ истакнува дека здравствените екипи треба да бидат присутни во најпогодените подрачја, со цел навремена интервенција, особено кај хронично болните, повозрасните лица, бремените жени и малите деца.

Надлежните служби активно ја следат состојбата на терен и ќе информираат за сите нови мерки и предупредувања.

Поврзани содржини