И „ВОЛШЕБНОТО САМАРЧЕ“ ЌЕ СТАНЕ ГОВОР НА ОМРАЗА? Бугарите целосно ќе го обесмислат и АСНОМ

Под изговор за избегнување на говор на омраза, согласно потпишаниот Протокол со Бугарија, многумина шпекулираат дека во Македонија под превезот на „добрососедските односи“ ќе се најдат и бројни книги, документарни и играни филмови и ТВ серии, во кои централна тема е борбата со бугарскиот окупатор во текот на Втората светска војна.

2,167

До каде ќе одат барањата на официјалната бугарска власт во билатералните односи со Македонија? Дали деловите од потпишаниот Протокол со источниот сосед ќе значат и натамошни откажувања на македонската страна, од својата историја и од начинот на кој ќе се одбележуваат важните историски датуми? Дали Македонија ќе треба да се откаже од АСНОМ и дали можеби ќе следува и ревизија на фактите за интернацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка, кои лесно можат да се согледаат во Музејот на холокаустот во центарот на Скопје. Што сè предвидува потпишаниот Протокол со Бугарија?

Под изговор за избегнување говор на омраза, согласно потпишаниот Протокол со Бугарија, многумина шпекулираат дека во Македонија под превезот на „добрососедските односи“ ќе се најдат веќе објавени бројни книги, документарни и играни филмови и ТВ серии, во кои централна тема е борбата со бугарскиот окупатор во текот на Втората светска војна. Би можело ли да се случи од репертоарот да исчезне и филмот „Трето полувреме“, како и легендарниот филм „Истрел“ на Бранко Гапо или „Македонскиот дел од пеколот“ , режиран од Ватрослав Мимица, работен по сценариото на Славко Јаневски? Дали и лектирата, како и истоимената ТВ серијата „Волшебното самарче“ ќе биде изоставена од образовниот процес, како и детската книга „Дружината братско стебло“ и уште стотици други познати и помалку познати дела на македонски автори?






Иако засега тоа не е случај, сепак нашите соговорници сметаат дека наскоро би можеле да очекуваме поплаки од бугарската страна за „говор на омраза“ и тоа да предизвика одредена реакција и од наша страна.

За Холокаустот нема да се осмелат

Универзитетскиот професор Стојко Стојков, кој воедно е и лидер на ОМО Илинден Пирин, културна организација на Македонците во Бугарија, сигурен е дека наскоро ќе дојдат на дневен ред барањата од Бугарија за забрана на бројни дела од нашето творештво.

– Под изговор на говорот за омраза, кој е составен дел од потпишаниот Протокол и е во линија на бугарското тврдење дека Македонија ја фалсификува општата историја, на удар ќе се најдат книги, филмови и серии – вели Стојков за Плусинфо.

Бугарската страна е упорна во одбегнувањето на нејзината одговорност во окупаторската улога во текот на Втората светска војна и во обидот да се изостави историската вмешаност на тогашното бугарско раководство во попишувањето, собирањето и спроведувањето на Евреите од Македонија и од Тракија во германските нацистички логори, каде речиси сите се набргу убиени во гасни комори.

– Мислам дека за Холокаустот нема да се осмелат да предизвикаат каква било забрана или тука да го злоупотребат Протоколот. Тоа на бугарската власт нема да ѝ биде дозволено и од бројните еврејски организации. Но, бидејќи Македонија е слаба во билатералните односи, тоа значи дека ќе има бројни попуштања на други теми. АСНОМ ќе стане бесмислица, бидејќи пополека во образовниот систем ќе почне да се вметнуваат бугарските погледи кон Македонија, а тоа значи дека пред 1944 година сè било бугарско. Тие говорат дека по војната 200.000 Бугари биле прогонети, убиени или затворани по логори и благодарејќи на огромното насилство, Бугарите во Македонија станале Македонци – додава Стојков.

До каде ќе одат Бугарите?

Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, а сега пратеник во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, смета дека со сигурност можеме да претпоставиме дека во блиска иднина Бугарија ќе излезе со нови барања пред македонската страна.

– Македонските историчари во заедничката Комисија за историја сега се ставени под огромен притисок и од нив ќе зависи дали Македонија ќе напредува во евроинтеграцијата, а тоа може да се случи само доколку тие попуштат пред бугарските колеги. Бугарија е спремна држава и јас сум сигурен дека нивните претставници имаат подготвена листа со барања, кои етапно ќе им бидат поставувани на македонските власти. Ако едната страна е свесна дека другата страна е попустлива, тогаш ветото постојано ќе биде во игра – вели Милошоски.

Тој е сигурен дека наскоро ќе се најдеме во многу непријатна внатрешна дебата, предизвикана од некое ново бугарско барање.

– Сигурен сум дека голем број филмови, серии и книги ќе останат надвор од репертоарите и државните библиотеки и ќе бидат изоставени од образовниот процес. Тие нема да бидат забранети, но ќе станат недостапни. Бугарите ќе се обидат целосно да го девалвираат и сеќавањето на АСНОМ, а под говор на омраза можат да сметаат и разни баналности, па можат да побараат од нас и да го смениме името на гимназијата „Ѓорѓи Димитров“. Знаеме дека токму Димитров, како повоен претседател на Бугарија, ги признал Македонците во таа земја како малцинство. Тоа би можело на Бугарите да им пречи и ние тогаш би влегле во нови поделби, кои само дополнително би ни го поларизирале општеството – додава тој.

Милошоски е сигурен и дека Бугарија како мошне сериозна држава, своите барања кон Македонија ги има подготвено одамна и дека актуелната генерација на политичари во Софија се обидува само да го прилагоди календарот, по кој тие барања ќе бидат испраќани во Скопје.

Апсурдноста на Протоколот

Историчарот Митко Б. Панов смета дека Протоколот отвора простор за голем број апсурдности, но во исто време е и погоден за цензура. Тој вели дека говорот на омраза е дефиниран со повелба на Организацијата на Обединетите нации, но во исто време од оваа организација се посочува и дека не постои универзална дефиниција за говорот на омраза, појаснувајќи дека забраната може да значи и повреда на Повелбата за човекови права и ограничување на правото за слобода на говор и слободата на мислата.

– Според Протоколот, владите на двете држави треба да проценат што е говор на омраза, а на тој начин несомнено ќе ја контролираат слободата на говор. Тука се споменува и говор на омраза во натписите на јавни институции, згради, споменици, во учебници и учебни материјали. Тоа значи дека нашата влада ќе ја контролира мислата, а тоа е цензура – вели Панов.

Тој вели дека во моментов најголема жртва на говорот на омраза е македонскиот народ, чиј идентитет е оспорен со Протоколот, но и со преговарачката рамка со ЕУ, каде е вметната едностраната изјава на Бугарија со која се оспорува македонскиот јазик.

– Тука доаѓаме до една апсурдна ситуација, кога треба да се плашиме за лектири, филмови и ТВ серии. Како говор на омраза може да биде проценето сè што на Бугарија ќе ѝ засмета. Под ревизија ќе се стават голем број работи и дел од нив ќе бидат отстранети од јавниот простор – предупредува Панов.

Поврзани содржини