И ВО ЗАТВОР ТЕШКО СЕ ВЛЕГУВА АКО СИ НИКОЈ И НИШТО Ќелиите „крцаат“, дури 3.500 луѓе се ставени на список на чекање
Во фаза на исчекување да влезат во затворите се 3.500 луѓе. Мислам дека пробацијата е долготрајно решение, не е ад хок, но за амнестија оставам други да одлучуваат, изјави Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкции.
Во моментов во македонските затвори има околу 2.000 затвореници, кои издржуваат затворски казни. Но, бројот на оние кои допрва треба да влезат во затворите и кои се на список на чекање е – 3.500.
Оваа бројка ја соопшти директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ, кој рече дека амнестијата нема да го реши просторниот проблем, туку самиот е приврзаник на процесот на пробација.
– Во фаза на исчекување да влезат во затворите се 3.500 луѓе. Мислам дека пробацијата е долготрајно решение, не е ад хок, но за амнестија оставам други да одлучуваат – рече Стојановиќ.
Тој додаде дека од 2017 година многу е работено на подобрување на условите во затворите и само во „Идризово“ имало 1.980 затворени.
– Во 2017 година кога дојдов, имаше 1.900 осудени лица само во „Идризово“, а сега имаме 2.000 вкупно во сите затвори низ Македонија. 730 места се уништени каде што спиеле. 13 објекти се вон функција. Би сакал да бидете присутни во затворскиот систем и да видите како се подобруваат условите. Не е сè розево, но стоиме на располагање и макотрпно работиме за подобрување. Една од најдобрите алатки се алтернативните алатки – им порача Стојановиќ на новинарите.