И ВО ВМРО-ДПМНЕ ИМА ЕВРОПСКО ОРИЕНТИРАНИ ПРАТЕНИЦИ Партијата на Ахмети повикува на општ општествен фронт
Во ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна, соопшти ДУИ.
Демократската унија за интеграција ја повикува опозицијата да се приклучи кон, како што соопшти денеска, напорите за европска Северна Македонија и продолжување на интеграцискиот пат како единствена алтернатива за нашата земја.
„Европскиот сон и стремеж на нашите граѓани зависи од пратениците во Собранието и нивната храброст да донесат одлука за следните генерации, а не за следните избори. Храброста и одлучноста во носењето одлуки се наградува од страна на граѓаните, но и од нашите евроамерикански пријатели. Повикуваме на општ општествен европски фронт и формирање на сојуз за европска Северна Македонија“, наведе ДУИ во соопштението.
За нив се загрижувачки, како што наведуваат, недвосмислените изјави на предводниците на опозицијата против европската интеграција и одбивањето на помошта од меѓународните партнери, но оти се убедени дека „пратениците и граѓаните не ги споделуваат изолациските и антиевропски ставови на нивните лидери, туку ќе одлучат храбро и мериторно за продолжување на европскиот пат“.
„Во ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна. Денешниот наратив, размислување и делување на опозицијата, за жал е ист како тој пред 6-7 години, кој што ја изолираше опозицијата меѓународно, но сепак тогаш опозициони пратеници смогнаа сила и храбост и се одважија на предизвикот при што денес, Северна Македонија е членка на НАТО и преговара за членство во Европската Унија“, наведено е во соопштението.