И во рајот е убаво, ама на Караџица ептен (ГАЛЕРИЈА)

Овој предел е таков што располага со богати шумски плодови, па доколку не сте дел од оние што многу сакаат пешачење, ќе имате можност да уживате во благодетите кои природата ви ги нуди, односно во собирањето печурки, чаеви, шумски јагоди, боровинки, капини и малини.

1,539

На 1.450 метри надморска височина се наоѓа планинарскиот дом Караџица, на падините на Мумџица, составен дел од планинскиот масив Јакупица, во централниот дел на Македонија. Од 1954 година, ова парче место е „рај на Земјата“ и прибежиште за сите љубители на планината и природата.

Како до таму?






Постојат неколку начини за посета на ова место, едниот и најчесто користен начин е од населбата Драчево, кон селата Долно Количани и Горно Количани. Патот води низ селото Црвена Вода, а потоа доаѓате до таканареченото место Преслаб, кое се смета за половина пат до домот. Следува населбата Мала Река, низ која ќе имате можност да го чуете жуборот на реката Кадина, а последна станица пред домот е селото Алдинци од каде што само неколку километри ве делат од целта.

Што можете да видите во околината?

По пристигнувањето во домот и уредно сместување во планинарските соби, имате можност да прошетате на блиски и подалечни локации за кои ќе споменеме, а секако дека имате и право да седнете на една од терасите и да го впиете спокојот која оваа планина ви го нуди.

На половина час пешачење се наоѓа врвот на Мумџица, се поминува низ најубавата борова шума, за да се продолжи по благи нагорнини, низ пријатна листопадна шума, до точката со 1.571 надморска височина, каде се наоѓа вечното почивалиште на првиот домар на ПД Караџица, Борис.

Втора поблиска опција за разгледување на убавините што овој предел ги нуди е местото наречено „Жаба“, поради изгледот на карпата која се наоѓа на ова место. До тука, се оди низ прекрасна листопадна шума, која го разубавува секој следен чекор и ве носи низ други димензии на природата.

Под оваа карпа се наоѓа реката Кадина, која изобилува со неколку прекрасни места за разладување во летниот период, а секако ова е погодно место и за сите љубители на риболовот. Доколку сте љубител на тој спорт, за ваше големо задоволство, овој предел ви нуди неколку можности, покрај Кадина река. Тука е и Салаковска река, Алијагица, Јуручка река и Мала река.

Доколку сте љубители на природата, но не ги сакате надолнините и нагорнините, одејќи само по прав пат се пристигнува до местото каде е поставен споменик во чест на паднатиот руски авион, а за дотука ви е потребен час и половина.

Секако дека има места и за оние кои сакаат подолго планинарско пешачење, а и за оние кои се љубители на теренското возење. На 14 километри од домот со теренско возило, а 12 километри пешки или 3 часа планинарско пешачење, се пристигнува на магичното место Бегово Поле на 2.000 метри надморска височина, кое се наоѓа во прегратките на Солунска Глава. Оттука, може да се освои и самиот врв, а можете и само да уживате во разноличноста на ова поле.

Салакови Езера на 2.180 метри надморска височина се наоѓаат на 6 часа пешачење од домот, а во просек, 3-4 изодени километри за еден час. Она што е посебно во оваа тура, е тоа што за да се пристигне до езерата, ќе имате можност да одите низ едни од најубавите планинарски патеки. Амбиентот кој го нуди овој предел остава без здив. Младите и стари шуми, пасиштата и цветните ливади, се она што ќе го доживеете при посета на ова место.

Во близина на планинарскиот дом се наоѓаат и неколку археолошки наоѓалишта – „Кале“, на вливот на Јуручка река во Кадина, а потоа и археолошкото наоѓалиште Алдинци, влашките колиби на Салакова Планина, Драчевски рид, над селото Црн Врв и други.

Овој предел е таков што располага со богати шумски плодови, па доколку не сте дел од оние што многу сакаат пешачење, ќе имате можност да уживате во благодетите кои природата ви ги нуди, односно во собирањето печурки, чаеви, шумски јагоди, боровинки, капини и малини.

Со што располага домот?

Домот има капацитет од 15 соби со 65 легла, чиста постелнина и целото време на светот за одмор. Цената за една преспиена ноќ чини скромни 250 денари. На гостите им се понудени пристојно опремена кујна, туш кабини, салон со капацитет од 40 столчиња. А од неодамна, тука е и ресторанот „Филип Чакаров“, каде можете да го нарачате најубавото кафе и да го испиете во придружба со незаменливиот поглед кој терасата на овој ресторан несебично ви го нуди.

Домот располага со голем двор, повеќе прекрасни тераси, соодветни клупи за одмор, простор за кампинг и најважното, ви дозволува да се исклучите од сè она што ве следи во секојдневниот живот. Ви дава можност да го вдишите мирисот на мајчината душичка, да ја слушате песната на птиците и да ги одморате очите со ремек-делото на природата.

Поврзани содржини