И ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ОЧЕКУВААТ 5 ДО 6 НОВИ ПРАТЕНИЦИ ВО СВОЕТО ЈАТО По локалните избори, Мицкоски и Заев ќе ловат „во матно“ во парламентот
Ако победат на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе се обидат да состават ново парламентарно мнозинство и нема да бараат предвремени парламентарни избори. Но, Заев најавува дека ќе ги шокира ако тој победи. Што е од сето ова реално остварливо?
Со наближување на денот на гласањето, опозицијата и власта ги засилуваат и пораките дека локалните избори ќе бидат пресвртница и на локално и на централно ниво.
Опозициските лидери Христијан Мицкоски и Зијадин Села речиси од секој митинг порачуваат дека по победата на локалните избори ќе формираат ново парламентарно мнозинство и ќе ја делегитимираат власта. Владејачките лидери Зоран Заев и Али Ахмети, пак, се убедени во сигурна победа на локалните, зацврстување на позициите и на локално и на централно ниво, како и зголемување на мнозинството.
Иако повеќе од една година опозицијата најавува промена на силите во Парламентот, а власта зголемување на мнозинството, засега сè остана само на најави. Но, токму локалните избори и опозицијата и власта сега ги гледаат како нова шанса – едните да направат пресврт на политичката сцена, другите да не кубурат повеќе со мнозинството.
Според брифинзите на Плусинфо со владејачките и со опозициските партии, впечатливо е дека и едните и другите калкулираат на плус 5 до 6 пратеници.
Математиките на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса за Албанците се дека на локалните избори типуваат на победа во советите и на „голем потенцијал“ за солиден број градоначалнички позиции, како во градовите, така и во руралните општини. Во таков случај, опозицијата смета на пратениците од ДОМ, ЛДП и од партиите на Турците и на Бошњаците, кои на локалните избори настапуваат самостојно, односно одделно од коалицијата предводена од СДСМ.
Според опозициските партии, фрагментираниот настап на помалите партии е сигнал дека чкрипат односите во владејачката коалиција. Како што велат опозиционерите, да беше поинаку, немаше за градоначалник на Скопје да се натпреваруваат повеќе од 10 кандидати. Ако опозицијата постигне поволни резултати кои би можеле да се толкуваат како делегитимирање на власта, тогаш можно е токму тие партии да ја сменат страната и да се формира ново мнозинство. Пресметките се дека тие партии секогаш избираат да се со власта и дека ако опозицијата оствари победнички резултат, тие по локалните изборите ќе ја сменат страната, наместо да чекаат нови парламентарни избори.
Според информациите, помалите партии на Албанците во власта, на изборниот ден будно ќе следат дали дел гласови на СДСМ ќе се слеат на контото на кандидатите на ДУИ. Во таков случај, СДС, М во парламентот повеќе не ќе може да смета на нивната поддршка.
Доколку по изборите ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива се сметаат за победници, според сценариото на опозицијата, прво ќе се оди на варијантата за преземање на парламентарното мнозинство. Во таков случај, втор чекор е гласање недоверба на Владата, по што, според претпоставките, на потег би бил претседателот на државата Стево Пендаровски. Се смета дека во таква ситуација Пендаровски прво би го повикал премиерот и лидер на СДСМ Заев, па откако ќе утврди дека тој ги изгубил мнозинството и владата, би ги повикал опозициските лидери Мицкоски, Села и Гаши, како и претседателите на помалите партии кои даваат сигнали дека има ново мнозинство. После ова, ако шефот на државата се увери дека има ново парламентарно мнозинство, ќе мора мандатот за нова влада да ѝ го даде на најголемата опозициска партија, односно на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
Засега помали се шансите опозициските партии да одат на распуштање на Собранието и на распишување на предвремени парламентарни избори. Но, според нашите извори, лидерот на СДСМ Зоран Заев бил советуван во случај на победа на опзоцијата на локалните избори веднаш да распише вонредни парламентарни избори. Се проценува дека во таков случај, Заев има повеќе шанси на избори да оствари добар резултат отколку да се спасува во парламентот.
Од друга страна, ако победат на локалните избори, во владејачките партии сметаат на плус 6 пратеници, што би значело зацврстување на мнозинството. Според математиките на луѓе од власта, окрупнување на мнозинството би било со пратеници од помалите коалициски партнери на Мицкоски, како и од опозициските партии на Албанците.