И ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА АЈАТОЛАХОТ ХАМНЕИ Е МРТОВ Од Иран стигна индиректна потврда

Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и за луѓето од многу земји ширум светот кои биле убиени или осакатени од Хамнеи и од неговата банда крволочни насилници, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

4

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, е мртов, повикувајќи се на повеќе извештаи според кои 86-годишниот лидер е убиен во американските и израелските воздушни напади.

„Хамнеи, еден од најзлите луѓе во историјата, е мртов“, напиша Трамп.






Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и за луѓето од многу земји ширум светот кои биле убиени или осакатени од Хамнеи и од неговата банда крволочни насилници, додаде Трамп.

„Тој не успеа да ги избегне нашите разузнавачки и високо софистицирани системи за следење, во тесна соработка со Израел, и немаше ништо што тој или другите лидери кои беа убиени заедно со него, можеа да направат“, вели Трамп.

Ова е најголемата можност за иранскиот народ да ја врати својата земја, додаде тој.

„Слушаме дека многу членови на нивната Револуционерна гарда, армијата и другите безбедносни и полициски сили повеќе не сакаат да се борат и бараат имунитет од нас. Како што реков синоќа: Сега можат да добијат имунитет, подоцна добиваат само смрт! Се надеваме дека Револуционерната гарда и полицијата мирно ќе им се придружат на иранските патриоти и ќе работат заедно како целина за да ја вратат земјата до величината што ја заслужува. Овој процес треба да започне наскоро бидејќи, покрај смртта на Хамнеи, земјата е тешко уништена за само еден ден, дури и збришана. Сепак, тешкото и прецизно бомбардирање ќе продолжи без прекин за една недела или колку што е потребно за да ја постигнеме нашата цел за мир низ целиот Блиски Исток и, секако, во светот“, објави американскиот претседател.

Хамнеи имаше речиси апсолутни овластувања во Иран откако стана врховен лидер во 1989 година, по смртта на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини.

Иран најверојатно индиректно потврди дека ајатолахот е мртов.

На неговиот профил на Твитер беше објавена порака:

„Во возвишеното име на Хајдар, мир нека биде врз него. Без него нема ниту небо ниту земја. Без него нема љубов како на Зејнаб.“

Хајдар е едно од почесните имиња на ајатолахот.

Ројтерс претходно го цитираше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој изјави дека постојат „знаци“ дека врховниот лидер бил убиен во нападите.

– Утрово го уништивме комплексот на тиранинот Хамнеи. Постојат многу знаци дека овој тиранин повеќе не е жив. Утрово елиминиравме високи функционери од режимот на ајатоласите, команданти на Револуционерната гарда, високи личности од нуклеарната програма — и ќе продолжиме. Во наредните денови ќе погодиме уште илјадници цели на терористичкиот режим – рече Нетанјаху во видео-обраќање.

Поврзани содржини