И СТОЈАНЧЕ ЈА ПРИЈАВИЛ ИВАНА ДЕКА ГО ТЕПА Презентирани аудио снимки со вознемирувачка содржина

Обвинителката денеска презентираше аудио снимки од пријавите во полиција поднесени од обвинетиот Стојанче, од покојната Ивана, од мајката на Стојанче, од мајката на Ивана, како и од други граѓани кои пријавиле малтретирање и тепање.

1,650

Во продолжението на денешното рочиште против Стојанче Јовановски обвинителката Адела Бојчевиќ презентираше 9 фајлови кои се однесуваат на пријави, а пријавители се обвинетиот Стојанче, покојната Ивана, мајката на Стојанче, мајката на Ивана, како и други граѓани кои пријавиле малтретирање и тепање. Обвинителката најави дека ќе ги презентира хронолошки.

– Првиот запис е од 29.6.2025 година во 21.20 часот, пријавител е Ивана Јовановска. Се слуша како Ивана, многу вознемирена, со викање се јавува на 192 и вели дека сака да го пријави нејзиниот сопруг кој ја тепа. По гласот се слуша дека е многу вознемирена. Објаснува дека се наоѓа во Чаир, не ја знае адресата каде е, а сопругот не ѝ ја кажува адресата. Бара да ја најдат по локацијата на телефонот. Операторот ја упатува по локација да се јави на 112. Во позадина се слуша друг женски глас кој вика, „Ивана“ – рече обвинителката и го пушти аудиозаписот.






Во следниот презентиран аудио запис од 29.8.2025 година во 13.53 часот, пријавител е Љубица Стојановска, мајката на Ивана.

– Се слуша Љубица Стојановска, мајката на Ивана, со трепет во гласот и вознемирена, се јавува во полиција и пријавува дека ќерка ѝ Ивана е во бракоразводна постапка и има мака. Кажува дека Ивана отишла во станот да земе некои работи и дека таму бил сопругот Стојанче. Пријавува галама и дека Стојанче ја тепа. Додава дека не му е прв пат да ја тепа Ивана. Ја дава адресата на станот, улица Теодосиј Голаганов, ама не се сеќава на бројот на зградата и вели 59. Објаснува дека е бела зграда на 6. кат. Му вели на операторот дека и на 19-20 јануари во 1 часот ноќе комшиите пријавиле малтретирање. Му вели на операторот дека не може да ја добие Ивана и е загрижена. За цело време пријавителката Љубица е многу вознемирена и плаче, тешко зборува и се издишува и неколку пати повторува дека не му е прв пат на Стојанче да ја тепа нејзината ќерка – рече обвинителката и ја пушти аудио снимката.

Следниот аудио запис што го презентираше обвинителката е од сведокот Ивана Белчева од 19.12.2025 година во 13.02 часот.

– Се јавува пријавителката на 192 видно вознемирена, со трепет во гласот. Вели дека е кај „Тинекс“ во паркот кај вовчето во Ѓорче Петров.Вели дека маж и жена кои не ги познава се тепаат пред детето. Пријавителката вели дека го зела детето во раце за да не гледа, ама тие го зеле и сакале да си одат. Вели дека таткото ја тепа мајката пред детето. Ги моли полицајците што побрзо да дојдат – рече обвинителката и го пушти аудио записот од пријавата.

Беше презентиран и фајл, во кој пријавител е мајката на Стојанче, Цветанка Јовановска, од 20.12.2025 година, 19.05 часот.

– Овде цело време се слуша Катја како гласно плаче. Пријавител е женско лице кое тешко дише, како да собира сила. Цветанка пријавува дека настанот се случува на Теодосиј Гологанов 96. Во позадина се слуша плачењето на Катја што е толку гласно што Цветанка не се слуша што зборува. Катја силно плаче и вели „ќе ја убие мама“. На прашање на операторот што има таму, Цветанка одговара обид за убиство. Катја го засилува плачот и викањето и со силен глас вика „татко ми ќе ја убие мајка ми“. Цветанка пријавува дека детето е многу потресено и го зела детето со себе. Додава дека и детето е тепано, удирано. Катја низ плач вели „и мене ме удри и мене ме удри“ – рече обвинителката и го пушти аудио записот, кој беше исклучително вознемирувачки.

Обвинетиот Стојанче Јовановски по ова стана од местото во судницата и дофрли нешто, а судијата го опомена да не дофрла.

Обвинителката продолжи со изведување аудио запис во кој пријавител е обвинетиот Јовановски. Записот е од 10.2.2026 година, 17.03 часот.

– Се слуша како Стојанче ја пријавува Ивана за семејно насилство. Пријавува дека неговата жена го малтерира и не го пушта од дома. Пријавува дека Ивана му се заканува дека ќе го тепа и дека самата ќе се претепа. Вели дека настанот се случува во станот каде живеат. Му кажува на операторот дека Ивана и претходно го удирала неколку пати, ама досега не ја пријавувал. Додава дека е во тек постапка за развод и дека сè уште живеат заедно – вели обвинителката.

Следниот прикажан ауди фајл беше од критичниот ден, наутро, на 2.3.2026 година. Пријавител е Ивана Јовановска.

– Се слуша само како Ивана и Стојанче се расправаат на висок тон. Стојанче вели „Кажи ја вистината“. Во еден дел е неразбирливо, па Ивана му вели дека ја кажува вистината – рече обвинителката.

И во следниот презентиран запис пријавителка е сега покојната Ивана Јовановска. Пријавата е од 2.3.2026 година, 11.25 часот.

– Се слуша расправија, викање меѓу Ивана и Стојанче. Ивана за цело време му вика, „не те местам“. Го прашува „зошто ми се закануваше сега бе“? Стојанче ѝ вели „сакаш ли да те однесам во станица да пријавиш“. Ивана пак го прашува „зошто ми се закануваш, ништо ти немам направено, не сум рекла, не сум рекла“. Стојанче почнува да вика „нема шанси, лажеш“ и се слуша како ја удира Ивана. Таа почнува да вика „престани да ме удираш, престани да ме удираш“. Стојанче уште погласно вика „не лажи“. Ивана за цело време се брани „дали јас те имам наместено, дали ти реков дека Мартин те има наместено, немам кажано такво нешто. Сѐ што имаш направено си имаш направено сам“. Цело време таа го повторува ова. Ивана му вели „сакаш ли да одиме во Пролеќе, а ако сакаш да одиме кај Трајче“. Стојанче со висок тон ја прашува „што сакаш?“. Таа му вели „сакам да живеам со тебе“. Му вели „не ме мавај, не ме мавај“. Стојанче прашува „дали ти се закануваше?“. Ивана одговори „да, ми се закануваше дека ќе ми го уништиш животот“. Стојанче вели „ќе ти го уништам животот“. Ѝ вика на Ивана, „ниту Катја ќе ја видиш, ништо нема да видиш. Ако сакаш пријави ме, кај сакаш иди. Ќе лежам во затвор, ќе излезам“. Потоа ѝ вели „подобро убиј ме“. И пак го повторува истото. Потоа ѝ вели „друго немаш избор, памти ми го ова“ – рече обвинителката, по што го пушти исклучително вознемирувачкото аудио, снимено неколку часа пред самоубиството на Ивана.

На аудиото Ивана силно и вознемирено се дере на сиот глас, гласно се дере и Стојанче и се слуша како ја удира Ивана.
На ова аудио, во траење од околу 2 ипол минути, се слуша и операторот кој неколку пати повтори „Ало, полиција“, ама никој не му се обрати.

Во еден момент додека се презентираше снимката обвинетиот Стојанче рече во судницата „Мартин е ова“, по што судијата го опомена дека ќе го отстрани од судницата.

Одбраната реагираше дека на снимката се слушаат тројца. Обвинителката додаде дека на крајот од снимката се слуша како Стојанче вели „ќе ве тепам и тебе и него“.

Обвинителката потоа презентираше уште една пријава од Ивана Јовановска од критичниот ден во 12 часот.

– Ивана се јавува на 192 и кажува дека сака да пријави семејно насилство. Таа е вознемирена и е на раб да заплаче. Кажува дека се наоѓа пред судот и дека пред малку разговарала со полициски службеници на кои им рекла дека не сака да пријави, ама сега сака да пријави. Рече дека сопругот Стојанче е со неа. Додава дека е на паркинг кај Судска палата и ако може полицијата побрзо да дојде – рече обвинителката.

Последниот прикажан фајл во судницата е од критичниот ден кога Стојанче бара да се викне брза помош.

– Пријавител е Стојанче Јовановски, на 2.3.2026 година во 14.04 часот. Стојанче, многу вознемирен, низ викање бара да се прати брза помош на Теодосиј Гологанов 96, каде, како што вели, жена со мало дете се фрли од балкон. „Ве молам, мало дете“, повторува – рече обвинителката и го пушти записот на кој се слуша како Стојанче вика брза помош и многу силно вреска.

 

ИВАНА ГО ПРИЈАВИЛА СТОЈАНЧЕ ДЕКА ЧУВА ДРОГА ВО СТАНОТ Соседите пријавувале семејно насилство и дете како плаче и вреска

Поврзани содржини