И Советот на Федерацијата ги одобри измените во рускиот Устав

Со законот на рускиот претседател Владимир Путин му се овозможува да остане на власт уште 12 години по завршувањето  на неговиот актуелен мандат, во 2024 година.

244

И Советот на руската Федерација (Горниот дом на парламентот) за време на денешната пленарна седница го одобри претседателскиот закон за измена на рускиот Устав. Претходно денеска и Државната дума (Долниот дом на парламентот) го усвои законот во трето, последно читење. За измените гласаа вкупно 160 сенатори, напиша весникот „Росискаја газета“.

Пред заседанието сите комисии имаа еден час да го разгледаат законот, што мина низ Долниот дом во денешните претпладневни часови. Сите комисии препорачаа одобрување на актот.






Во расправата учествуваше и главниот обвинител на Руската Федерација, Игор Краснов, комесарот за правата на човекот, Татјана Москалкова, и првиот човек на Советот за правата на човекот, Валери Фадеев.

– Сигурна сум дека и вие како мене го сфаќате значењето на сето ова во историски контекст – рече пред гласањето претседателот на Советот на Федерацијата, Валентина Матвиенко.

Гласањето се одвиваше во две фази – првата за измените  во самиот Устав, а потоа и за законот во целина. За двете прашање беа добиени идентични резултати – двата беа одобрени.

Законот се смета за усвоен по одобрувањето од двата дома на парламентот. Парламентарната процедура, меѓутоа, не завршува тука. Според член 136 од Уставот, измените на поглавјата од 3 до 8 можат да влезат во сила под услов да бидат одобрени и од две третини од сите регионални парламенти во земјата.

До крајот на работната недела парламентите на сите административни субјекти на Руската Федерација треба да ги испратат резултатите од овие гласања во Горниот дом на парламентот. Доколку две третини од регионалните парламенти ги одобрат измените, во сабота, на 14 март, Советот на федерацијата на вонредна седница ќе одлучи да му го достави законот на одобрување на рускиот претседател.

Освен тоа, законот предвидува измените во Уставот на Руската Федерација да се сметаат за одобрени само доколку бидат усвоени и на претстојниот референдум во земјата, што е закажан за 22 април.

Со законот на рускиот претседател Владимир Путин му се овозможува да остане на власт уште 12 години по завршувањето  на неговиот актуелен мандат, во 2024 година.

Критичарите на Кремљ го осудија овој потег на власта како цинична манипулација и повикаа на протести.

Уставната реформа, донесена денеска и од Думата и од Советот на Федерацијата, ќе му овозможи на Путин уште два пати да се кандидира за претседател по 2024 година. Пред референдумот реформата ќе биде разгледана и од рускиот Уставен суд.

Поврзани содржини