И СДСМ ПОЧНА ДА БЕГА ОД ДУИ За партијата на Ахмети веќе нема место во политиката
Не може да има соработка со партија која ја уништи секоја институција до која имаше пристап, оставајќи ја државата заглавена во ќорсокак, а граѓаните разочарани. ДУИ докажа дека каде што ќе допре, ни трева не никнува, соопшти коалицијата Вреди.
СДСМ конечно го прифати она што граѓаните одамна го знаат, дека Унијата за девалвација на институциите (ДУИ) е тежок товар за секое партнерство и машина која произведува само кризи и корупција, соопшти владејачката коалицијата Вреди.
„По години сервилност и обиди да ја заштити оваа трула партија, СДСМ сега прави задоцнет чекор кон оградување од ДУИ, јавно извинувајќи се за неуспесите“, се вели во соопштението.
Реакцијата следи откако синоќа Извршниот одбор на СДСМ заклучи дека нема да ги поддржи и да гласа за четирите интерпелации што ги поднесе опозициската ДУИ.
„ДУИ не е само изолирана од граѓаните и од гласачите, туку и од нејзините доскорешни партнери. Оваа партија, која 22 години ги нарушува сите норми на доверба, создавајќи систем во кој доминираат криминалот и корупцијата, повеќе нема место во политиката. Не може да има соработка со партија која ја уништи секоја институција до која имаше пристап, оставајќи ја државата заглавена во ќорсокак, а граѓаните разочарани. ДУИ докажа дека каде што ќе допре, ни трева не никнува!“, реагира Вреди.
Вреди потенцира дека на ДУИ, која две децении ги разочарува граѓаните и изгради систем на корупција и злоупотреби, денес остана само со еден партнер во криминалот: Никола Груевски.
„Со нивните оркестрирани обиди за дестабилизација за време на ноемвриските празници, оваа исцрпена клика уште еднаш покажа дека е подготвена да ги жртвува стабилноста и интересот на граѓаните само за да ги заштити сопствените гревови. Времето на ДУИ заврши! Време е оваа разбиена и изолирана клика, која го држеше развојот во заложништво и предизвика стагнација, конечно да биде минато. Ние, како коалиција Вреди, сме посветени на праведна иднина и политика која е во служба на граѓаните, а не на тесните интереси на политичките клики.
Извршниот одбор на СДСМ синоќа соопшти дека нема да ги поддржи и да гласа за интерпелациите што ги поднесе ДУИ во Собранието за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.
„Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа. Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите, затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби“, соопшти СДСМ.