„И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ИМААТ КОРИСТ ДА СУМ ОСУДЕНА“ Лидија Димова не е изненадена од затворската пресуда
Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска е осудена на казна затвор од две години, да ги покрие судските трошоци, како и во рок од шест месеци да ја надомести и штетата од 22,7 милиони денари на Националната агенција.
Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, која денеска во Основниот кривичен суд Скопје беше прогласена за виновна за злоупотреба на службена положба и овластување и осудена на казна затвор од две години, вели дека не е изненадена од пресудата.
– Не сум многу изненадена, особено затоа што во последните две-три недели ги воскреснаа магарињата што се тренирани и мислам дека ова е уште една политичка игра, со таа несреќа што во овој случај двете страни и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат корист за тоа јас да бидам осудена – изјави Димова.
Основниот кривичен суд Скопјеја прогласи Димова за виновна за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, а ја ослободи од вина за делото измама.
– Се ослободувам од вината дека сум злоупотребила европски пари, а од друга страна сум обвинета затоа што не сум се придржувала до постапките за делата кои ми се товарат, притоа, постојано повторуваше судијката дека парите кои што се искористени за она што ме обвинуваат доаѓаат од оперативниот фонд на ЕУ, значи тоа се европски пари, за коишто претходно ме ослободува дека не сум ги злоупотребила – рече Димова.
Таа денеска е осудена на казна затвор од две години, да ги покрие судските трошоци, како и во рок од шест месеци да ја надомести и штетата од 22,7 милиони денари на Националната агенција.