И РОДИТЕЛИТЕ ЗАЕДНО СО ДЕЦАТА ВАНДАЛИ ЌЕ ОДАТ НА ОПШТОКОРИСНА РАБОТА Предлогот на ЗЕЛС стигна до Владата
Важно е да ја подигнеме свеста кај младите, да ги едуцираме за значењето на јавните добра и да создадеме механизми за нивна ресоцијализација, вели Орце Ѓоргиевски, претседател на ЗЕЛС.
ЗЕЛС денеска ја достави до Владата иницијативата малолетниците вандали да вршат општокорисна работа, што ја покрена градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
– Вандализмот и уништувањето на урбаната опрема, јавните површини и јавните добра се проблем кој бара системско решение. Поради тоа, предлагаме формирање на стручна работна група составена од претставници од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и од невладините организации. Оваа работна група ќе има задача да подготви измени и дополнувања на повеќе закони – Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел да се воведе општокорисната работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, предлагаме да се разгледаат и измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите, преку можност за заедничка општокорисна работа – рече Орце Ѓоргиевски, претседател на ЗЕЛС.
Со оваа иницијатива не сакаме само да санкционираме, туку и да превенираме, додаде тој.
– Важно е да ја подигнеме свеста кај младите, да ги едуцираме за значењето на јавните добра и да создадеме механизми за нивна ресоцијализација. Општокорисната работа има двоен ефект: од една страна, им помага на младите да стекнат чувство на одговорност и почит кон заедницата, а од друга, спречува повторување на ваквите негативни појави.
Секој чин на вандализам е аларм кој мора да се сфати сериозно. Дури и едно спречено насилство или уништување на јавен простор значи создавање побезбедна и поуредена заедница за сите граѓани – рече Ѓоргиевски.
Тој очекува Владата и сите надлежни институции да ја поддржат оваа иницијатива.