И преку свидетелство до државјанство – сѐ е во игра за „фантомите“ кои го блокираа Собранието

На средбата, на која ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев и министрите за правда и МВР, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, и лидерите на Алијанса и на Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, како и координаторите на пратеничките групи, и од двете страни велат дека има волја да се реши проблемот со државјанствата.

1,147

Потврда дека бил или е примател на социјална помош, свидетелство од дете, сопружник со македонско државјанство, односно граѓанинот кој живее во Македонија, а е апатрид да приложи некаков материјален доказ за да добие македонско државјанство. Ова, според информации на Плусинфо од висок функционер од Владата, во среда власта ќе го стави на маса пред лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за да се најде решение за измените на Законот за државјанство со цел да се одблокира Собранието, пред сѐ, поради петтиот антикризен пакет мерки, кој е затрупан со илјадници амандмани од албанскиот опозициски блок.

На средбата, на која ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев и министрите за правда и МВР, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, и лидерите на Алијанса и на Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, како и координаторите на пратеничките групи, и од двете страни велат дека има волја да се реши проблемот со државјанствата.






– Работни групи во министерствата за правда и за внатрешни работи разгледуваат либерални искуства во светот како граѓани – апартиди добиваат државјанства. Ќе ги искористиме тие искуства, но сепак за некој граѓанин да се стекне со македонско државјанство потребно е да приложи некаков материјален доказ. Да има документ дека некогаш или сега прима социјална помош, родителот нема државјанство, но децата имаат свидетелство дека тука учат, тоа на пример би бил доволен доказ. Но не може со двајца или тројца сведоци кои тврдат дека тука живеете да добиете државјанство оти може утре други двајца сведоци да го побијат тоа тврдење. Тоа не е доказ. Волја за решение има, но тоа да биде според закон и Устав – вели висок функционер од Владата.

За барањето на Алијанса и Алтернатива државјанство да се добие со познавање на еден од службените јазици (се мисли на албанскиот јазик) од власта велат дека тоа е противуставно, односно дека албанскиот јазик не е службен на целата територија на Македонија. За ова, според власта, ќе се бараат алтернативни решенија. Државјанство да добие ако граѓанинот ја познава македонската историја, култура…

Како пример се наведуваат „економските државјанства“, односно инвеститор кој вложува илјадници или милиони евра не мора да го познава македонскиот јазик за да добие македонско државјанство. Од власта се надеваат дека ќе се најде решение за спорните измени на Законот за државјанство предложен од Алијанса и Алтернатива, но дека не смее да се крши Уставот.

Од Коалицијата велат дека на средбата со Заев член по член од нивниот предлог закон ќе анализираат и дека се подготвени за секоја точка да разговараат и да најдат компромис само да се реши проблемот со граѓаните кои живеат во Македонија, а кои 30 години не можат да се стекнат со македонско државјанство.

– Ќе видиме дали власта ќе достави свој предлог закон и како предлага да се реши овој проблем. Работната група ќе разговара точка по точка, ако го хармонизираме предлог законот веднаш ќе го доставиме до сите пратенички групи и по скратена постапка да помине во Собранието. Со тоа веднаш ќе се одблокира работата на Парламентот – ни изјави Скендер Реџепи од Коалицијата Алтернатива и Алијанса.

Иако Коалицијата велеше дека од 50.000 до 70.000 граѓани во земјава немаат државјанство, според евиденцијата од Управата на матична книга на родените станува збор за околу 850 граѓани без државјанство. Според МВР, такви граѓани има околу 2.500. Кампањата „Државјанство“, пак, која Алтернатива и Алијанса ја водеа за пријавување граѓани без државјанство покажала дека кај нив се пријавиле околу 2.000 такви граѓани.

Алијанса и Алтернатива при крајот на минатата година доставија до Собранието измени на Законот за државјанство кој во Парламентот ја помина само потребата од донесување на законот. Партиите од македонскиот политички блок се изјаснија против така предложеното законско решение. МВР даде негативно мислење на идејата државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 Септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ. Станува збор за граѓани кои се родени и живеат во Македонија, но немаат државјанство. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тогаш предлогот го оцени како „политички памфлет“.

Алтернатива и Алијанса по ова, сите закони во Собранието ги затрупаа со илјадници амандмани.

Поврзани содржини