И ПОЛИТИЧКАТА СТАБИЛНОСТ НА УДАР НА ПАНДЕМИЈАТА За Пендаровски имунизацијата е клучна за излез од кризата

Иимунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините, порача шефот на државата на годишната конференција „Скопје економски и финансиски форум“.

203

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по ковид“, организирана од Министерството за финансии

Претседателот посочи дека за оваа тема во целиот свет се дебатира интензивно и темелно и порача дека е најважно сите дискусии да бидат водени врз база на реални податоци, со цел, креаторите на економските политики да предложат решенија.






„Глобалната економија се уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи. За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно“, изјави претседателот Пендаровски.

Претседателот се осврна и на нашата економија за која рече дека не е исклучок од светските трендови и ги посочи донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.

„Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за опоравување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти“, оцени претседателот во обраќањето.

Пендаровски истакна дека нашето членство во НАТО, освен безбедносната компонента, на среден и на долг рок се очекува да резултира и со поголема економска стабилност и предвидливост, како и нови перспективи во инвестиционата сфера. Говореше и за застојот во нашата ЕУ интеграција, при што нагласи дека е предизвикан од блокада, чии аргументи се во спротивност со вредностите што ги претставува Европската Унија како концепт.

Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот Пендаровски ги нотираше и предизвиците наметнати од пандемијата на ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко делување на глобално ниво.

„Несомнено имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините“, порача претседателот Пендаровски.

Поврзани содржини