И покрај улизувањето, пукнатините во НАТО се видливи
Не се ретки и критичките гласови дека дебатата за потребите на Европа од зголемено вооружување го изгубила контактот со реалноста, поаѓајќи од прашањето дали издвојувањето на петте проценти од БДП-то на членките НАТО се утврдени како разумна цел за зајакнување на одбранбените капацитети, врз база на сериозно и соодветно критичко испитување?
Бомбардирањето на Иран од страна на САД беше грубо кршење на меѓународното право. Меѓу оние во Европа кои јасно го истакнаа тоа беше поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билд, но ретко кој од европските политички лидери го стори истото.
Со исклучок можеби на францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека немаше легалност во тие напади. Тоа донекаде беше уште еден повод за некои аналитичари да забележат дека Макрон е единствениот од моќните европски политичари кои не ползат пред Доналд Трамп.
Но и покрај сето улизување и сервилност пред американскиот претседател, посебно од страна на генералниот секретар Марк Руте, НАТО сепак не успева да ги скрие пукнатините во Алијансата. Првата се однесува на самите темели на Алијансата, дека сите ќе се вклучат во колективната одбрана доколку некоја членка биде нападната. Фамозниот член 5 за колективните гаранции остана малку замаглен по изјавите на Трамп околу неговото толкување и дефинирање.
Воздушните напади на иранските нуклеарни постројки, и реакциите на Трамп кои уследија потоа, беа уште еден пример за неговиот студен пристап дека реалноста треба да се потчини на неговата волја. Ако тоа не се случи, Трамп веднаш реагира со изливи на гнев, а за што добива и дополнителен поттик кога европските политички лидери продолжуваат со улизување да го поддржуваат неговото лидерство.
Како можно оправдување се слушнаа и коментари дека некоја морал да ја направи валканата работа во заеднички интерес. Но, во секој случај, ретко се случувало некој врвен европски политичар да бил толку понизен кон американски гостин, нарекувајќи дури „тато“ на заедничка прес-конференција во Хаг.
Тоа неизбежно иницира прашања околу тоа дали постојано насмеаниот Холанѓанец ја засрамил Европа ‒ или, пак, кога се согледува пошироката слика, го спасил одбранбениот сојуз од колапс, настојувајќи преку своето неумерено ласкање и пофалби да не ја ризикува и доведува под прашање наклонетоста на Трамп?
Во однос на таквите дилеми германскиот „Шпигел“ во својот коментар го постави прашањето дали всушност бевме сведоци на крајот на сериозната дипломатија. Тоа е веројатно и сликата на нашето време, дека сè може да се смета за постигнат успех, само за да се избегне хаос.
Но воопшто не се ретки и критичките гласови дека дебатата за потребите на Европа од зголемено вооружување го изгубила контактот со реалноста, поаѓајќи од прашањето дали издвојувањето на петте проценти од БДП-то на членките НАТО се утврдени како разумна цел за зајакнување на одбранбените капацитети, врз база на сериозно и соодветно критичко испитување?
Суштината на таквите критики е дека всушност не постои оправданост во барањето причина зошто европските земји-членки на НАТО треба да издвојуваат ист дел од БДП-то како и САД за воени цели. Покрај членството во НАТО, Вашингтон има енормни одбранбени обврски во Азија против помоќен противник од Русија. Европските земји-членки на НАТО имаат само една јасно дефинирана мисија ‒ да изградат одбрана што ќе ја одврати Русија од напад врз некоја членка на Алијансата.
Во анализата објавена во шведското списание „Арена“ се посочува дека доколку сите членки на НАТО во Европа издвојуваат 2,6 проценти за воена одбрана, на крајот би го надминале целиот државен буџет на Русија. Според официјалните податоци, уделот што оди за одбраната на Русија се зголемил од 4 на 6 проценти од БДП-то од 2014 година.
Населението на европските членки на НАТО е 4-5 пати поголемо од населението на Русија, кое се намалило на околу 140 милиони. Општата здравствена состојба не е добра – особено за машкиот дел од руското население. Европските мажи живеат петнаесет години подолго од Русите во добра здравствена состојба. А на листата на најсреќни земји во светот доминира Европа.
Износ еквивалентен на 5 проценти од БДП би му овозможил во европските дел на НАТО буџет за одбрана кој, без придонесот на Украина, би бил десет пати поголем од оној на Русија. Аргументот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за таквото ниво на буџетски издвојувања е во голема мера поврзан со барањата кои доаѓаат од Вашингтон. Но колку е тоа погрешно, како изместена перспектива, доколку се смета дека одбраната на Европа треба да биде дизајнирана единствено за да го одврати Путин, а не за да го задоволи Трамп.
Нема сомнение дека европските земји-членки на НАТО треба да ги зајакнат своите одбранбени капацитети ‒ некои многу повеќе од другите. Но, главен приоритет сепак мора да биде запирањето на агресијата на Русија во Украина. Пет проценти од буџетот се непропорционални и непотребни, според шпанскиот премиер Педро Санчез, кој смета дека Шпанија може да ги исполни своите обврски и со 2,1 процент за одбрана. Но инсистирањето на американскиот претседател Трамп, членките на НАТО да се обврзат на пет проценти. Сепак беше усвоено.
Од 1960-тите, единствено Франција зазеде понезависен став кон САД во споредба со многу други земји во Европа. Но, и Макрон, исто така, му се доближуваше на Трамп со додворување, обидувајќи се да наметне впечаток дека се најдобри пријатели. Проблемот е во тоа дека таквата илузија станува сè потешка за да се одржи.
Во исто време за малите земји-членки нема многу маневарски простор за да можат да се изборат за некаква сопствена позиција. Кога станува збор за Македонија, петте проценти веројатно би значеле зафаќање од државниот буџет од преку 80 милиони евра годишно. Како таквите издатоци ќе „легнат“ меѓу останатите приоритети кои не можат ниту по еден основ да се занемарат – образованието, здравството, заштитата на животната средина – е прашање на кое тешко би можел да се понуди задоволителен одговор со сериозна доза на државничка умешност и одговорност.
Подвиткувањето на опашката пред Трамп и сервилното одобрување на неговите барања, се чини, сепак немаат цена.