И покрај големиот број заразени нема посебни ковид амбуланти, матичните претрупани, пациентите во хаос

Министерството за здравство уште на почетокот на пандемијата информираше дека заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите граѓани, заразените со ковид-19 не смеат да одат во ординација, туку исклучиво да се јават по телефон кај својот матичен лекар.

967

Матичните лекари даваат максимални напорни да им излезат пресрет на сите пациенти болни од коронавирусот. Целиот здравствен систем е преоптоварен, мора да се има разбирање во оваа исцрпувачка борба, вели за Плусинфо д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, по реакциите на граѓани на социјалните мрежи дека некои матични лекари одбиваат да ги прегледаат пациентите на кои им се влошува состојбата и ги лекуваат по телефон.

Министерството за здравство уште на почетокот на пандемијата информираше дека заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите граѓани, заразените со ковид-19 не смеат да одат во ординација, туку исклучиво да се јават по телефон кај својот матичен лекар. Тие прво треба да се јават на телефон кај својот матичен лекар, кој преку „Мој термин“ им закажува тестирање.






„Матичната лекарка на моја пријателка болна од ковид-19, со очи не сака да ја види. Имаше и влошување на ситуацијата, со сите можни симптоми, она пак – мораш дома да седиш, по телефон ќе те лечам. Ни да ја чуе, ни да ја прегледа, сатурација ништо. Купи си од аптека апаратче, мери си дома! Лекар кој одбива да прегледа пациент само затоа што е болен од ковид-19, а нему му е страв да не се зарази, веднаш, ама веднаш нека си ја фрли униформата во канта за ѓубре заедно со дипломата и нека се бави со нешто друго, нека лакира нокти, нека поправа компјутери, нека продава папучи онлајн, нека се бави со фризерај или што и да е друго, помалку опасно! Во лекарската фела на таквите не им е место!“, реагира револтирано скопјанка на Фејсбук, но препораките на здравствените власти и на стручните лица се дека заразените со ковид-19 треба да бидат во изолација, а не да одат по ординации и да заразуваат други.

Од друга страна, пак, не се формираа ковид амбуланти како што бараа матичните лекари за да може непречено да се прегледуваат пациенти со коронавирус и истовремено тие да бидат одвоени од другите пациенти.

Неодамна прилепските матични лекари и неколкумина од Гостивар почнаа да волонтираат на Инфективното одделение во градската болница за да му помогнат на медицинскиот персонал со грижата на пациентите со ковид-19, наместо во своите ординации каде нема услови за лекување на заразените.

– Помагаме колку што можеме, затоа што и инфектолозите се преоптоварени, но од друга страна имаме доктори кои се хронично болни и кои стравуваат од ковид-19. Мора да се тргне од нас обврската за менаџирањето со заразените од ковид-19. Се губи драгоцено време во барање слободни кревети за болните, некогаш и по 45 минути се губат на телефонски повици, а во ординацијата во тој момент можеби имате пациент со висок крвен притисок или некој итен случај – вели Чолакова Дервишова.

Овој проблем, како што вели претседателка на Здружението на приватни лекари му бил посочен  неодамна и на министерот за здравство Венко Филипче, но таа смета дека може поедноставно да се реши ако се врати болничкиот упат, укинат во време на поранешниот министер Никола Тодоров.

– Мора да има лекарски прегледи, сите болести не можат да се лекуваат преку телефон, потешките случаи мора да бидат прегледани, мора крвна слика да се направи, рентген, а имаме пациенти и со мозочни удари и инфаркти, затоа треба да се врати болничкиот упат – смета д-р Чолакова Дервишова.

Според упатството на Министерството за здравство, кога пациентите ќе се јават кај матичниот лекар, тој им поставува десетина прашања. Потоа, според одговорите на епидемиолошката анкета, електронскиот алгоритам укажува на тоа дали е потребно тестирање или не. Ако е потребно, се утврдува и кој е степенот на итност.

Во случај да треба да се изврши тестирање, матичниот лекар закажува преку „Мој термин” на некој од пунктовите според местото на живеење на пациентот. Без закажување не е возможно да се изврши тестирање и затоа граѓаните се предупредуваат да не одат сами на пунктовите без закажан термин. Во закажниот термин, не треба да се оди кај матичниот лекар или да се зема некоја потврда, граѓаните треба да одат директно на пунктот за да бидат тестирани и треба да носат заштитна опрема и да не доаѓаат со јавен превоз.

„По земањето брисеви и соодветно испитување, за резултатите пациентите ќе бидат известени и согласно состојбата ќе биде заземен став за натамошно лекување на клиника, во болница или во домашни услови, а во целосна секојдневна комуникација со матичните лекари и со медицинска сестра и доктор од Клиниката за инфективни болести. Во функција за поддршка на граѓаните е и бесплатниот број на контакт-центарот на Министерството за здравство 0800 002 03 на кој може да се добијат сите потребни дополнителни информации, како и информации за тоа како да се закаже тестирање и други препораки во однос на коронавирусот“, стои во Упатството за закажување тестирање за коронавирус кај матичен лекар.

Поврзани содржини