И ПО ПЕНЗИЈАТА Е МАГНЕТ Федерер ја распродаде Салата на славните за 120 секунди

Сите 4.500 билети за свеченоста во Њупорт исчезнаа за само две минути, и покрај дополнителната фан-зона.

0

Интересот за влегувањето на Роџер Федерер во Меѓународната тениска „Сала на славните“ е огромен, сите 4.500 билети за церемонијата во Њупорт беа распродадени за само две минути.

Организаторите првично пуштија во продажба 900 билети за самата церемонија, но поради огромната побарувачка отворија и дополнителна фан-зона на стадион со 3.600 седишта, каде настанот ќе се следи во живо. И тие билети исчезнаа за рекордно кратко време.






– Како мало, но историско место, нашиот капацитет е ограничен – соопшти портпарол на „Салата на славните“ на социјалните мрежи.

Од организацијата наведуваат дека очекувале голем интерес, со оглед на тоа што станува збор за првиот тенисер во историјата со 20 освоени гренд слем титули во поединечна конкуренција.

Церемонијата за 44-годишниот швајцарски ас ќе се одржи на 29 август во Њупорт, каде што заедно со него ќе биде примена и познатата телевизиска коментаторка Мери Кариљо.

Тениската „Сала на славните“, сместена во Њупорт уште од 19 век, неодамна помина низ реновирање вредно три милиони долари, токму во пресрет на свеченостите посветени на Федерер и Серена Вилијамс. Американската легенда треба да биде примена во 2027 година, освен ако не реши да ја продолжи кариерата.

Поврзани содржини