За тетовската река Пена најчеста карактеристика е дека претставува црна еколошка точка со многуте фрлени отпадоци, градежен шут и цврст отпад. Но од друга страна малкумина тетовци, познавајќи го нејзиниот потенцијал од пред повеќе децении, се уште преку риболов се обидуваат да ја исползуваат нешто од големата природна вредност.
Пред повеќе децении реката претставувала вистинско богатство, особено делот од речното корито надвор од градот во правец кон месноста Бањиче. Тој предел бил користен дури за капење и пливање, како и за риболов.
– Летните месеци јули и август масовно се капеле луѓето во Пена. Чистата, бистра и ладна вода за секого беше освежување, но со текот на годините сето тоа се смени. Ако порано ретко кој не се капел, сега ретко кој се осмелува да влезе во Пена, се смета за загадена и чести се периодите кога нема доволно вода. Сега само малкумина се охрабруваат да го искористат природниот потенцијал на реката со ловење риба, а сосема ретки се прошетките по запоставениот речен кеј, што, исто така, е полн со отпадоци – објаснуваат повозрасните жители на Тетово.
Водата на река Пена е ладна па освен поточна пастрмка и кркушка нема други. Кленот и бојникот поради текот на водата, не можат да се движат нагоре кон повисоките делови на планината, велат од спортско-риболовното друштво „Пена“.
Д-р Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија при Центар за јавно здравје во Тетово, објаснува дека во периодов реката Пена има висока втора категоризација, согласно испитувањата за квалитет на речните површински води.
– Редовните испитувања на површинските води на реките кои ги врши Центарот за јавно здравје покажуваат дека Пена останува во втора категорија на квалитет. Постојат осум класи на параметри кои се показатели за категоризација на квалитетот на реките, каде прва категорија е најдобра, а четврта е најлоша. Можеби кај река Пена варираат параметрите од класите, но категоризацијата претежно останува во втората категорија, потенцира Давидовски.
Добрата категоризација, и покрај многу смет, се должи na тоа што реката се уште има моќ на самопрочистување, со оглед на тоа што пролетоска имаше прилично високо ниво на вода која течеше низ речното корито.
– Фрлениот смет во речната вода е одраз на несовесноста и на некултурата на населението. Фрлените пластики, амбалажи и мебел ја нагрдуваат, а голем дел од тој смет оди заедно со текот на речната вода. Проблем за реката претставува тоа што тие отпадоци не се разградуваат. Најголем загадувач се отпадните води од шарпланските села во кои нема канализација. Понекогаш водата станува матна, додека микробиолошките е со добар квалитет – тврди Давидовски.
Во септември 2019 последен пат беше извршено чистење на речнито корито, како превентива од евентуални поплави при појава на обилни врнежи од дожд, информираат од општина Тетово, на прашањето околу намерите за одржување на чиста животна средина околу реката Пена.
Извориштата на реката Пена се на околу 2.500 метри надморска височина на шарпланинскиот масив. Тетовската река претставува најголема притока на Вардар која се создава на Шар Планина. Таа е со најдолг планински водотек, 29,7 километри од изворот до Тетово. Нејзината висинска разлика е 1.914 метри а просечниот пад 6,44 отсто. Поважни притоки на Пена се реките Кривошиска, Лешничка, Чепеновска, Скакалска, Караниколска, Бродечка и други.
(од Александар Самарџиев, Тетово)