И ПЕНДАРОВСКИ БИ САКАЛ ИЗМЕНИ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО, АМА ВЕЛИ ДЕКА Е НЕРЕАЛНО Словенија го сменила уставот за да овозможи странци да купуваат имот

1,081

Претседателот Стево Пендаровски рече дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се донесат, но да бидат со одложено дејство и да важат откако Македонија ќе стане членка на ЕУ, е надвор од реалноста, иако и тој би сакал да може тоа да се случи.

Ова го одговори Пендаровски на заедничката прес конференција со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, која е во посета на земјава.






Тој објасни дека заклучоците на Европскиот совет се кристално јасни и дека во нив е наведено дека Македонија мора да ги направи уставните измени до крајот на скрининг процесот за да продолжи со втората меѓувладина конференција и отворањето на поглавјата.

– Треба да имаме нови заклучоци на Европскиот совет, а знаете колку е тешко тоа, за да биде можно да ги усвоиме уставните измени со одложено дејство. Тоа е нереално. Се надевам дека тоа не се користи како изговор за да не се влезе во уставните промени. Бев изненаден кога чув дека главната опозициска партија е подготвена да биде дел од Владата со пет ресори и да гласа од позиција на владејачка партија. За уставни промени може да гласате и од позиција на опозиција – рече Пендаровски.

Тој вели дека Македонија нема да успее да ги направи промените на уставот до почнување на настанот Брдо-Бриони, кој годинава се одржува во Македонија.

– Процесот Брдо-Бриони е закажан за втората половина на септември. Дури и денес да почнеме со уставни измени нема да може да стигнеме да завршиме со процесот до тогаш, бидејќи за промени на Уставот се потребни најмалку три ипол месеци, со калкулација дека во август парламентите на сите држави, па и на нашата, не работат – рече Пендаровски, кој додаде дека во делот за уставните промени има позитивна промена, а тоа е подготвеноста на опозицијата да влезе во Владата и да гласа за уставните измени.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска во Скопје изрази надеж дека политичарите во Северна Македонија ќе покажат мудрост и ќе ги спроведат уставните измени, кои се услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на кластерите во преговорите. Таа истакна дека патот кон ЕУ не е лесен, дека Словенија веќе се соочила со тие процеси и оти на тој пат и оваа држава морала да го смени Уставот, за што тогаш имало жестоки политички дебати во словенечкото општество.

– Да потенцирам, Словенија го помина тој процес и не ни беше лесно. Дозволете ми да потенцирам и дека Словенија мораше да го смени Уставот и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме Уставот во член кој дозволуваше странците да купуваат и да поседуваат имот. Имаше политички расправи и дебати, имаше жешки расправи од тој аспект, но успеавме во тоа, бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти. Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битно единството и размислувањето дека треба да се оди пет/шест чекори напред и да се сфати што е добро за македонскиот народ. Јас искрено се надевам дека ќе покажете доволно политичка мудрост и ќе го смените Уставот – порача Пирц Мусар.

Таа нагласи дека тука се и обврските кои ги има ЕУ кон Северна Македонија и дека Унијата исто така треба да го заврши својот дел од работата и да ѝ помогне на Северна Македонија во тој процес.

Словенечката претседателка нагласи оти верува и знае дека Северна Македонија има потенцијал да влезе во Унијата. Таа додаде дека новонастанатите геополитички околности и приближувањето на Украина и Молдавија кон ЕУ нема да влијае врз тоа евентуално Северна Македонија да остане во втор план во однос на евроинтеграциите.

– Што се однесува до пристапувањето на Украина и на Молдавија, секоја земја има има право да изрази желба и да се приклучи кон ЕУ, но како претседателка на Словенија ви гарантирам дека Северна Македонија нема да исчезне од дебатите, секогаш ќе биде во центарот на нашето внимание во однос на приближувањето. Словенија секогаш ќе биде ваш поддржувач и секогаш ќе ви помага – нагласи Пирц Мусар.

Поврзани содржини