Во 2007 година имав вистинска прилика да бидам дел од IVLP програмата на Стејт департментот на САД. Прекрасно и многу корисно поминати неколку недели во 5 сојузни држави, одлични средби и посети, запознавање со многу луѓе и познанства кои траат до денешен ден… Но, детално за содржината на оваа програма ќе пишувам во некоја друга прилика.
Последната „станица“ од целокупната програма беше градот Сан Франциско од каде имав резервирано повратен билет за Скопје. Предвидената рута беше следната: Сан Франциско до Вашингтон, потоа Вашингтон до Цирих и третиот лет беше предвидено да биде на релација од Цирих кон Скопје.
Стигнав навреме на аеродром во Сан Франциско, ги поминав сите формалности и заедно со останатите патници влегов во авионот и седнав на моето место. Почнаа да се одвиваат стандардните процедури пред полетување, но во еден момент се вклучи пилотот кој нѐ извести дека поради технички проблем со некоја од вратите на воздухопловот, нашиот лет ќе биде откажан. Истовремено, бевме љубезно известени дека компанијата веќе сѐ организирала и надвор поставила монтажни пунктови на кои ќе бидеме пренасочени и ќе ни бидат обезбедени нови авионски билети. Нѐ замолија да бидеме трпеливи, да го почитуваме редот бидејќи на секој од нас ќе ни биде обезбеден алтернативен лет до крајната дестинација. Втората опција која ни ја понудија доколку не сакаме да чекаме во редот, беше да се обидеме телефонски да направиме нова резервација.
Излегов надвор од авионот заедно со повеќе од 500 други патници и се создаде навистина долга колона. Не ми беше јасно како е возможно сите да се толку трпеливи и буквално да повторуваат и на глас дека нема потреба од никаква паника, сè ќе се среди, а вработените во авионската компанијата веќе работат на тоа.
Од друга страна, јас, еден пар од Франција и друг сопатник од Италија, тогаш сметавме дека не треба само да чекаме, туку треба да се обидеме нешто и да преземеме. Се раштркавме секој на своја страна, вртевме телефонски во обид да ги смениме билетите, прашувавме по други шалтери, ги следевме електронските монитори правејќи ги според нас најдобрите комбинации за нови дестинации до дома…
И така, ко муви без глави додека не се преморивме секој во сопствениот хаос што си го создадовме. Се разбира дека ништо не променивме, освен што сами на себе си создадовме паника, стрес и нервоза, а на крајот повторно завршивме на шалтерите кои беа поставени за сите нас на терминалот. Ама последни бидејќи во меѓувреме на сите останати над 500 патници им била најдена алтернативната авио рута. Ја подадов мојата карта на монтажниот пулт, а вработената за десетина минути го најде мојот алтернативен лет на следната релација: Сан Франциско – Лондон – Виена – Скопје. Верувале или не, иако целокупното доцнење беше повеќе од 5 часа, во Скопје пристигнав само 2 часа подоцна од предвиденото според првичната резервација.
Оваа научена лекција одигра огромна улога во мојот понатамошен развој и живот и постојано ме поттикнува да размислувам зошто упорно сакаме да изградиме вредносен систем базиран на недоверба. Немање доверба едни кон други, ние кон институциите, ама и институциите кон секој од нас, таа кон телефонскиот оператор, компанијата за наплата на долгови кон него итн…
Дали е ова одлика на бунтовниот сончев југ, нашиот менталитет или, пак, поради фактот што предолго во историјата сме имале институции кои биле наметнати, наспроти денес кога е крајно време да сфатиме дека веќе децении јавните институции се платени од нашите пари и (должни се да) работат во интерес на граѓаните? И не можам до крај да го дадам одговорот, иако мислам дека се работи за создадена култура или поведение кое многу тешко го менуваме или тоа го правиме во селективни ситуации.
Но, одговорот како по обичај самиот се наметна. Целава оваа ситуација со мојот лет во 2007 година, ме потсети на нашата индивидуална реакција на актуелната корона криза која ни се случува. На почетокот се бунтувавме, не слушавме, народски кажано „се правевме паметни“, но како минува секој час и ден со нови заболени од КОВИД-19, почнуваме да разбираме дека довербата е клучна.
Дека докторите и здравствените авторитети под капата на Министерството за здравство се единствените надлежни на национално ниво кои можат и треба да ја координираат и да се справат со оваа ситуација. Дека Светската здравствена организација (СЗО), а не некои таму конспирациски теории се надлежни и единствено можат да ни дадат совети и препораки како да го спасиме нашето здравје. Конечно, во услови на криза и страв за нашиот и животот на најблиските, се освестуваме и разбираме: дека сме ранливи, дека не е важно дали сме или на која партија, етничка група припаѓаме, дали во моментот се наоѓаме на врвот на економската моќ или не…
Ни станува јасно дека мора да бидеме обединети во борбата против корона вирусот бидејќи за секој од нас се работи. А, како да бидеме обединети и да се заштитиме кога не сме стручни, не сме доктори? Па, се разбира, следејќи ги препораките и советите од стручните лица, што во случајов се здравствените авторитети. Здравствен предизвик, здравствен одговор, се подразбира. Конечно, може да кажеме дека една работа е поставена правилно и оставена во раце на стручните.
Во текот на вчерашниот ден излезе и првата анкета за тоа како Министерството за здравство (лекари, администрација итн.) и министерот Венко Филипче се справуваат со целата ситуација. Добиениот резултат објавен во ТВ емисијата „Детектор“ вели дека високи 80 проценти од граѓаните им веруваат на министерот и надлежните за начинот на кој се справуваат со оваа корона криза.
И веднаш на сите ни стана јасно зошто политичките партии избраа да го прекинат мораториумот на водење дневна политика и политички препукувања среде окупираност на граѓаните од последиците од корона криза.
Па, политичарите од сите табори, тешко поднесуваат повеќе популарни ликови од себе. Не трпат конкуренција ниту во своите партии, а камоли надвор од нив. Впрочем, ова не е автентичен балкански менталитет, туку одбранбен механизам на секој политичар во светот.
Мој совет до сите политичари кога непотребно ќе им се јави овој инстинкт и тоа среде оваа голема корона криза е секој пат да се потсетуваат на приказната за кралот и мудрецот: Имено, некој крал бил веќе уморен од тешкотиите што му ги предизвикува владеењето, па на помош го викнал стариот мудрец за да го праша како да постапи. Мудрецот му дал еден прстен и го посоветувал во секоја животна ситуација да се потсетува и да прочита што пишува на него. Набрзо, кралот отишол во битка која била многу тешка, а неговата војска била послаба од противничката. Се сетил на советот на мудрецот и го отворил прстенот на кој пишувало „И ова ќе помине“. Тоа го охрабрило, па кралот некако успеал да ја мотивира својата војска и да го победи непријателот. Враќајќи се назад со многу плен и богатство тој многу се орасположил, бил полн себе, опиен од победата и ласкавците околу него. Сепак, во еден момент се подосвестил и се присетил на советот на стариот мудрец. Веднаш го отворил прстенот, а на него стоел истиот натпис: „И ова ќе помине“…
Да заклучиме, сега не е време за губење на трпение и желба по секоја цена да се зајакнува личниот рејтинг. Ниту од страна на политичари од власта, а ниту на политичарите од опозицијата. Сега е единствено време да се работи заедно и во интерес на сите граѓани. Ова мора и еден ден ќе заврши. Колку поединствени сме, толку побрзо ќе даде резултат.
И тогаш, кога оваа опасност ќе биде зад светот, ќе си се вратиме сите на своите позиции. Политичарите во своите фотелји и предизборни кампањи, а ние пред телевизорите, екраните на мобилните и компјутерите, како и на гласачките места. Само искрено се надевам сите ќе бидеме позрели и поискусни и ќе извлечеме поуки од сето ова што сега ни се случува.
А, поуките се прилично едноставни.
Како луѓе да демонстрираме многу повеќе солидарност, наместо себичност. Прифаќање на различностите и немешање во туѓите животи. И да не оставаме никого зад себе, туку да подаваме рака постојано бидејќи зависиме едни од други повеќе од што сме свесни за тоа.
Како институции или, пак, како политичари кои се борат за власт, потребно е да градиме системи кои се одржливи и работат единствено во интерес на граѓаните. Наместо мерки кои зависат од политичката волја на лидерите, да градиме систем за добро управување кој е креиран од стручни луѓе во своите области.
Не сакам ни да замислам како денес ќе изгледаше светот доколку и во оваа корона криза главниот збор го имаа политичарите, а не здравствените авторитети. Впрочем, некои држави така и тргнаа, па може да видиме за неколку недели до каде стигнаа. Изгубија драгоцено време, но сите се вратија чекор назад и повикаа да се почитуваат здравствените препораки и авторитети.
Затоа, да изградиме заеднички доверба во институциите и надвор од оваа криза. Да не ги поттикнуваме луѓето да лутаат низ аеродромот барајќи индивидуални решенија, туку да им покажеме дека можат и треба да имаат доверба во системот кој ќе им го најде алтернативниот лет за дома и тоа за само десетина минути.