И Оливер Спасовски го демантира Никола Тодоров: Не сум разговарал со никого од ВМРО-ДПМНЕ за било каква широка коалиција!
Претходно, изјавата на Тодоров дадена на суд ја демантираше и актуелниот премиер Зоран Заев.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски демантира дека водел разговори со Никола Тодоров за широка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ пред настаните од 27 април 2017 година.
– Јас не сум разговарал никогаш и со никого од ВМРО-ДПМНЕ за било каква широка коалиција – изјави Спасовски за Плусинфо.
Претходно, изјавата на Тодоров дадена на суд ја демантираше и актуелниот премиер Зоран Заев.
– Со мене пред 27 април и на 27 април не е разговарано за широка коалиција. Можеби со некој друг тогаш разговарале – изјави вчера Заев за порталот Фокус.
Сега останува самиот Никола Тодоров да прецизира со кого од СДСМ водел разговори за широка коалиција.
– Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО – изјави Тодоров на суд.
Поранешниот министер и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ ризикува неговиот исказ да се третира како лажно сведочење, што е казниво.