И НАТАМУ ДРЖ НЕ ДАЈ СО БУЛЕВАРОТ БОЦА ИВАНОВА Бутел ги избриша маркичките и бара поместување на трасата, Арсовска не попушта
Град Скопје го поздрави бришењето на маркичките за 26-метарските згради, но одлуката за изградба на булеварот Боце Иванова останува. До крајот на март ќе почне изградбата, која ќе чини околу 650.000 евра, за што веќе е склучен договор со градежна фирма. Градоначалничката Арсовска појасни дека проектот се простира на државно земјиште, а земјиштето за кое се жалат граѓаните е узурпирано од нив и за тоа може да одговараат.
Сагата за булеварот Боца Иванова и натаму продолжува. Советниците од Општина Бутел вчера едногласно изгласаа понишување на маркичките за згради на планот С16 и планот ССИ 06.07, но градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, и покрај тоа што ја поддржа одлуката, не се откажува од својот план за изградба на булеварот.
Општина Бутел ќе го смени Деталниот урбанистички план С16 и ќе ги избрише маркичките за седумте згради долж новиот булевар Боца Иванова. На вчерашната седница на Советот на Општина Бутел едногласно од сите советници беше изгласана иницијативата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за поништување.
Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски информираше дека сите советници ја поддржале иницијативата за бришење на споменатите маркички за градба поднесена од ВМРО-ДПМНЕ со цел Градот да изнајде решение за промена на трасата за булеварот и на жителите на Бутел да им се реализира ветеното од страна на Арсовска за изградба на голем парк кој им е многу потребен.
– За ДУП С16 кој е на сила ќе се отпочне постапка за негова измена со цел бришење на 7 маркички за згради. За планот ССИ 06.07 кој е во постапка ќе биде ревидиран и ќе се избришат сите згради коишто се вцртани во предлог-планот. Сите политички партии кои се дел од Советот ја прифатија иницијативата на граѓаните за промена на трасата на булевар Боца Иванова. Општина Бутел треба да дише, а не да се дави во бетон и да се гради на секој слободен простор – вели градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски.
По одлуката на Општината од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска испратија соопштение во кое се вели дека го поздравуваат бришењето на маркичките за 26-метарските згради, но одлуката за изградба на булеварот Боце Иванова останува.
„Ова не ја менува суштината на проблемот во врска со булевар Боца Иванова. Трасата на овој булевар е утврдена со Генералниот урбанистички план кој е повисок акт од ДУП и истиот не може да се промени со иницијатива на Општина Бутел“ – велат од Град Скопје.
Град Скопје, според најавите на Арсовска, до крајот на март ќе почне со изградба на новиот булевар, од кружниот тек во Бутел до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Градот има склучено и договор за негова изградба со фирмата „Филип инженеринг“ и ќе чини околу 650.000 евра.
За потсетување, „таткото“ на Бутел и „мајката“ на Скопје влегоа во војна токму за изградбата на булеварот Боца Иванова. Костовски ги поддржа на жителите на улицата Хо-Ши-Мин кои излегоа на протест поради изградбата на булеварот Боца Иванова, а притоа треба да отстапат дел од своите дворови со цел да се реализира трасата. Тие бараат од градоначалничката Арсовска да го изгради мега-паркот кој им го имаше ветено уште во нејзината предизборна кампања за „За модерно Скопје“.
На ова, Арсовска рече дека проектот датира од 2002 година, а го обновил и поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски во 2012 година. Таа појасни дека проектот се простира на државно земјиште, а земјиштето за кое се жалат граѓаните е узурпирано.
– Булеварот се простира на државно земјиште, но сепак, во еден дел од трасата каде што треба да се изгради овој булевар, постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови на тоа државното земјиште врз кое е предвидена изградбата на овој булевар, а со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик е казниво дело. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето – рече Арсовска.