И Максо во групата Пркос
Така е сега во партијата на Заев. Ако не си му по волја, или ќе се повлечеш тивко за да си го сочуваш она што ти преостанало од чаламот - како другарката Радмила, на пример - или ќе пркосиш и понатаму и ќе си се бориш, ама надвор од партиските јасли. Трета можност во СДСМ ДОО нема.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски нема да биде кандидат за член на Централниот одбор на СДСМ, што ќе се избира на конгресот во мај. Така решила партијата во Куманово. Чувме и како, со длабока почит и со негување на најдоброто од традицијата на сталинизмот.
Популарниот Максо, кој води во сите анкети во кои се мери рејтингот на потенцијални кандидати за градоначалник на Куманово, најверојатно ќе биде целосно елиминиран од листата на СДСМ за претстојните локални избори. Ако сака да се натпреварува, како што и се очекува, ќе мора да настапи како независен кандидат. А ако, пак, го стори тоа, логично е да настапи и со независна советничка листа. Мастрафот е ист.
Познавачите на кумановската политичка сцена велат дека ова е финале на долготрајната битка меѓу Димитриевски и приврзаниците на Оливер Спасовски. Не велам дека тоа не е така. Одамна се шпекулура за нетрпеливоста меѓу нив двајцата. Но, се сомневам дека партискиот лидер Зоран Заев би дозволил ваков расцеп во Куманово и би се изложил на непотребен ризик, да немал силни причини да се откаже од градоначалникот Димитриевски.
Но, има една таква, голема, најголема причина. Заев не трпи луѓе што му пркосат. Не поднесува такви што не се согласуваат секогаш и беспоговорно со неговите одлуки и со неговото мислење. Тој тоа веќе и не го крие, дури јавно се фали со кршењето на пркосот околу него.
Пркос… Да, тоа е зборот што самиот тој го употреби. Човекот познат по толку многу гафови и проблеми со артикулацијата, за прв пат е совршено јасен и директен. Зборот пркос семантички најпрецизно ја опишува појавата од која Заев се ужаснува.
Максо во неколку наврати жестоко му се спротивстави на Заев. Последен пат тоа се случи после контроверзното интервју на премиерот на СДСМ за бугарската агенција БГНЕС. Изложен на жестоки критики во јавноста, Заев тогаш си ја подви опашката и се обиде да ги релативизира и да ги повлече спорните ставови, но на критичарите им го запамети пркосот. На тие на кои може, ќе им се одмазди.
Меѓу нив е и Максо. И тој сега е во групата Пркос. Група за отстрел.
Ако еден ден сите опоненти на Заев се групираат во фракција, или во некоја друга нова формација, можеби и не е лошо да го усвојат името што им го даде самиот тој. Пркос.
Тоа е. Максо не може да каже дека не го очекуваше овој удар под појас. Така е сега во партијата на Заев. Ако не си му по волја, или ќе се повлечеш тивко за да си го сочуваш она што ти преостанало од чаламот – како другарката Радмила, на пример – или ќе пркосиш и понатаму и ќе си се бориш, ама надвор од партиските јасли. Трета можност во СДСМ ДОО нема.
Кој е следниот пркосен за отстрел?
ПС. Во една колумна, кога јас му пркосев на Заев од позицијата од која се бараше послушност, му порачав јавно – ако сакаш беспоговорна лојалност, купи си куче. Сепак, тоа беше само половина од вистината. Имаше тука и порака за мене – ако не сакаш да си куче што мафта весело со опашката кога ќе го види газдата и што му ја лиже дарежливата рака, симни го синџирот околу вратот, исправи се на две нозе и замини.