И Македонија подготвува интервентен увоз на ивермектин уште идната недела
Ивермектинот го скратува времетраењето на болеста, а ги намалува и симптомите и смртноста, вели пулмологот д-р Дејан Докиќ за ТВ Сител.
Директорот на МАЛМЕД за телевизија Сител потврдил дека од понеделник ќе ги забрза процедурите и ќе разговара со фармацевтските компании за интервентен увоз на лекот ивермектин, кој успешно се користи во терапијата при лекувањето на ковид-19.
Станува збор за стар и познат лек, кој до сега е користен за други намени. Овој лек веќе добил зелено светло од Комисијата за заразни болести, а влезе и во протоколите за лекување на Пулмологија што ќе важат и за ковид центрите во интернистичкиот блок.
– Превентивно, кај пациенти со лесна, средна и тешка клиничка слика, дали на домашно лекување или пак со потреба од хоспитализација, ќе се дава во болнички услови. Неговата примена ќе значи скратување на времетраењето на болеста, намалување на симптомите и на смртноста – вели проф. Др. Дејан Докиќ, директор на Клиника за Пулмологија.
Досегашни студии покажале дека лекот ивермектин за 5000 пати во рок од 24 часа го спречува размножувањето на овој вирус. Но, како што предупредува д-р. Докиќ, колку и да е безбеден, тој не е волшебно стапче и граѓаните да не го пијат на своја рака. И за овој лек ќе треба лекарски рецепт.
Додека официјално стигне во земјата, многу граѓани, меѓу кои и медицински лица, лекот го набавуваат илегално, главно од соседна Грција, каде една кутија чини 10 евра. Дел го пијат превентивно, бидејќи се во контакт или работат со лица позитивни на вирусот.