И ЛИЛЈАНА ИЛИЕВСКА КОНТРОЛИРАЛА ИСТА ЛИЦЕНЦА ЗА „ПУЛС“ КАКО ЗОРАН НИКОЛОВСКИ, АМА ЗА НЕА ИСТРАГАТА Е ЗАПРЕНА Според Уставот сите граѓани се еднакви, ама според Обвинителството не се

Ако се следи причинско-последичната врска и принципиелност на постоењето на таква врска, во интегрираното обвинение ќе видите дека има лиценца од 25.11.2013 година, контролирана од лицата Лилјана Илиевска и Зоран Николовски. И? Николовски има каузална врска со пожарот, а за Илиевска има наредба за запирање на истрагата, рече бранителот Еленко Миланов во воведните зборови на денешното судење за поарот во кочанската дискотека „Пулс“.

0

Обвинетиот службеник од Министерството за економија Зоран Николовски ги извршил истите дејствија и во истото време како и службеничката Лилјана Илиевска, во врска со издавањето на првите лиценци за дискотеката „Пулс“, при што Јавното обвинителство почнало, па ја прекинало истражната постапка за Илиевска, а Николовски доби обвинителен акт, истакна денеска неговиот бранител Еленко Миланов во воведните зборови за судењето за пожарот во кочанската дискотека во кој загинаа 63 лица.

На почетокот Миланов рече дека трет пат се јавува со воведен збор, во врска со различни клиенти и останува кон наводите изнесени при воведните говори за Беким Максути и за Крешник Бектеши, за делот за соизвршителство и во врска со правната квалификација Тешки дела против општата сигурност.






– Ќе се задржам на фактите што ќе ги докажуваме во врска со Николовски. Тие факти се дека Зоран Николовски во Министерството за економија работи заклучно со 5.12.2013 година, а во ова обвинение се појавува за издадени лиценци во 2012 и во 2013 година, како едно од лицата кои контролирале и дале согласност дека постојат услови за издавање на таа лиценца. Во 2012 година, пред издавањето на првата лиценца, Николовски ги поседуваше сите 5 документи кои се потребни согласно член 21 од Законот за угостителска дејност. Но, Николовски, надвор од својата обврска, пушти допис до Државниот пазарен инспекторат, од каде доби записник со кој се констатира дека сè уште не се довршени градежните активности. Согласно на она што му е обврска од член 22, во рокот од 15 дена предложи и се донесе решение за одвивање на ова барање, затоа што според известувањето од ДПИ таму уште има градежни активности и е во тек исполнувањето на минимално техничките услови. Потоа, во 2012 година до ДПИ е доставено ново барање за лиценца, кое е препратено до Министерството за економија и Николовски повторно доставува барање до ДПИ за исполнетост на минимално техничките услови. Добива записник дека условите се исполнети, како и записник од трудова инспекција, согласност од МВР за сообраќајно решение, елаборат за заштита при работа и елаборат за заштита од пожари. Тоа е доказ што го има и Обвинителството. И Зоран Николовски на 15-от ден учествува во изработка на таа лиценца од 2012 како согласен, како некој што контролирал и лиценцата е издадена. Која е кривичната одговорност или каузална врска со ова постапување на Николовски со настанот во 2025 година, пожарот – рече Миланов.

Тој додаде дека деновиве сме сведоци на поднесена кривична пријава против друго лице затоа што не дало одговор во законскиот рок од 15 дена, додаде Миланов.

– Зоран Николовски мораше да го почитува и го испочитува тој рок, со уредна документација и сега седи пред вас како обвинет. А ако не го испочитуваше, ќе добиеше кривична пријава – рече адвокатот.

Тој повтори дека лиценцата е со важност од една година и е непренослива. Рече дека Николовски ниту знае, ниту можел да знае какви биле минималните услови во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година кога се случил пожарот. Објект кој во овие 13 години претрпел најмалку една позната реконструкција, во 2024 година, додаде.

– Ако се следи причинско-последичната врска и принципиелност на постоењето на таква врска или основ за гонење, на страна 13 од интегрираното обвинение ќе видите дека има лиценца од 25.11.2013 година, контролирана од лицата Лилјана Илиевска и Зоран Николовски. И? Николовски има каузална врска со пожарот, а за Илиевска има наредба за запирање на истрагата – рече бранителот Миланов.

Тој додаде дека Лилјана Николовска ја контролирала и лиценцата издадена на 10.12.2014 година.

– За неа нема каузалитет, нема причинско-последична врска, нема евентуална умисла, но, за Николовски има. За исто постапување, во ист временски период, во иста институција, за едно лице се запира постапката, а Николовски добива обвинителен акт. Факт од Уставот е дека сите граѓани се еднакви пред законот. Каква е оваа еднаквост со овие две дијаметрално спротивни одлуки на истото ова Обвинителство? Ќе ја прибавиме наредбата за запирање на истрагата за Лилјана Илиевска, за да видите дека идентичноста на постапувањето се третира различно – рече адвокатот Еленко Миланов.

Обвинетиот Зоран Николовски рече дека работел во Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија.

– Законодавецот кој го пропишал Законот за угостителска дејност нас нè ставил само за водење на општа управна постапка. Постапката за издавање лиценца за угостителска дејност е сè уште важечка до денес. И денес се издава лиценца од канцеларија. Единствено е сменета контролата. Никогаш не сум излегол и не знам каде е „Пулс“, не ми било обврска, ниту надлежност по закон да вршам проверка на какви било услови. Никогаш не сме биле во можност да излеземе да вршиме контрола и проверка дали кој било документ што ни е доставен е верен, точен или неточен. Така сум постапил првиот пат, кога ја одбивме лиценцата, а по закон постапив и вториот пат, кога се доставени комплетните документи – рече Николовски.

Причинско последичната врска за мене, додаде тој, завршува со член 22 од Законот за угостителска дејност, кој вели дека лиценцата се издава во рок од 15 дена, важи во период од една година и не може да се пренесува.

– Со тоа заврши мојот континуитет. Јас во 2013 година веќе не работам во Министерството за економија и не сум можел да делувам ниту позитивно ниту негативно ни на овој ни на кој било друг процес од Законот за угостителска дејност – рече Николовски.

Поврзани содржини