И КЛИНТОН МУ НАПИШАЛ РОДЕНДЕНСКО ПИСМО НА ЕПШТАЈН, НЕ САМО ТРАМП?! Еве што наводно му рекол поранешниот претседател на злогласниот сексуален предатор
Наводно, покрај Доналд Трамп, во роденденскиот албум на Џефри Епштајн имало и други пораки со сексуални алузии. Милијардерот Леон Блек напишал поема со еротска метафора, а поранешниот сопственик на „Викторијас сикрет“, Лесли Векснер, приложил цртеж што наликувал на женски гради, се вели во објавата на „Волстрит журнал“. Модната дизајнерка Вера Ванг му предложила на Епштајн да учествува во шоуто „Ерген“, додека, пак, поранешниот директор на „Мајкрософт“, Нејтан Мајрволд, испратил фотографии од животни коишто се парат.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, не бил единствениот претседател кој му има испратено роденденско писмо на Џефри Епштајн. „Најголемото име во албумот“ бил Бил Клинтон, објави „Волстрит журнал“ во четвртокот, пренесе Гардијан. Писмото на поранешниот претседател се наоѓало заедно со речиси 50 други, меѓу кои и познати славни личности и бизнис-лидери.
Минатата недела, весникот објави дека Трамп напишал „развратно“ писмо до Епштајн, кој почина во затвор во 2019 година откако беше уапсен поради федерални обвиненија за трговија со сексуални услуги. Писмото било вклучено во албум што го составила неговата поранешна партнерка Гислејн Максвел по повод неговиот 50-ти роденден во 2003 година. Трамп поднесе тужба против Руперт Мардок, двајца новинари од „Волстрит Џурнал“ и против издавачот До Џонс за клевета и за навреда поради извештајот.
Во написот објавен во четвртокот, „Волстрит Џурнал“ откри дополнителни детали за роденденскиот албум, вклучително и имињата на речиси 50-те лица кои му напишале писма на Епштајн. Меѓу нив, наводно, се милијардерот инвеститор Леон Блек, модната дизајнерка Вера Ванг, медиумскиот тајкун Мортимер Закерман, поранешниот сопственик на „Викторијас сикрет“, Лес Векснер, адвокатот Алан Дершовиц, скаутот за модели Жан-Лик Брунел и поранешниот висок извршен директор на Мајкрософт, Нејтан Мајрволд.
Албумот гу вклучува и британскиот амбасадор во САД и британскиот лабуристички политичар Питер Манделсон, во делот наречен „пријатели“. Поранешните колеги на Епштајн – Алан „Ајс“ Гринберг и Џејмс „Џими“ Кејн – исто така испратиле писма.
„Њујорк тајмс“ ја потврди точноста на извештајот на „Волстрит Џурнал“ во четвртокот вечерта.
„Професионално врзаниот роденденски албум имал повеќе тома и содржел табела на содржини“, пренесува весникот.
„Си опстојал толку години на учење, познанства, авантури и (неразбирлив збор)“
Според објавеното, Клинтоновото писмо до Епштајн гласело: „Охрабрувачки е, нели, да си опстојал толку долго низ сите години на учење, познанства, авантури и (неразбирлив збор), и покрај сè да ја задржиш детската љубопитност, стремежот да направиш разлика и утехата од пријателите“.
Портпарол на Клинтон одбил да го коментира написот, упатувајќи го весникот на претходна изјава на поранешниот претседател, во која тврди дека ги прекинал сите врски со Епштајн повеќе од една деценија пред неговото апсење и дека не знаел за неговите злосторства.
Други „интересни“ писма
Според документите што ги разгледал весникот, писмото од Трамп не било единственото со сексуална конотација.
Песна, потпишана од Леон Блек, гласела: „Русокоса, црвенокоса или црнокоса, расфрлани географски. Со оваа мрежа на риби, Џеф сега е ‘Старецот и морето’“, а белешката од Векснер содржела „цртеж од тоа што изгледало како женски гради“. Портпаролите на Блек и на Векснер одбиле да коментираат.
Во писмото на Вера Ванг стоело предлог Епштајн да учествува во шоуто „Ерген“. Таа не одговорила на барањата за коментар.
Мајрволд испратил фотографии од неодамнешно патување во Африка: „Изгледаа посоодветни од сè што би можел да напишам“, стоело во пораката. Сликите вклучувале „мајмун што вреска, лавови и зебри кои се парат и зебра со видлив пенис“.
Портпарол на Мајрволд за весникот изјавил дека поранешниот директор на Мајкрософт не се сеќава на пораката, дека го познавал Епштајн само како донатор за научни истражувања, и дека „редовно споделува фотографии и пишува за однесувањето на животни“.
Писмото од Манделсон, според весникот, вклучувало фотографии од виски и тропски остров, а Епштајн бил наречен „мој најдобар другар“. Портпарол на Манделсон одбил да коментира.
Што се однесува до односот меѓу Трамп и Епштајн, „Тајмс“ открил дека Трамп барем еднаш претходно му напишал пофално писмо.
„За Џеф – Ти си најголемиот!“ пишува во посвета во примерок од книгата на Трамп „The Art of the Comeback“, која му припаѓала на Епштајн.
Пораката, разгледана од „Тајмс“, е потпишана со „Доналд“ и датира од „октомври 1997 година“ – истиот месец кога книгата излезе.
„Тајмс“ исто така разгледал досега необјавена фотографија од Трамп и Епштајн со пејачот Џејмс Браун. Не е јасно каде е направена фотографијата, но Браун честопати настапувал во Атлантик Сити, Њу Џерси, каде Трамп бил сопственик на казиното Таџ Махал.